Претставници од месните заедници од Општина Делчево денеска беа дел од фокус-групата на Форумот со кој се дефинираа приоритетите за развој на селата во Општина Делчево, а во насока на подготовките за креирање на Буџетот за наредната година. Форумот е дел од европскиот проект „Проектот за даночна одговорност – кон граѓанска одговорност и одговорни даноци“ кој го спроведува Центарот за економски анализи во партнерство со Општина Делчево.
Како што истакна Габриела Димовска од ЦЕА, целта е да се придонесе кон унапредување на граѓанската одговорност во Македонија преку зголемена даночна одговорност, затоа што градењето на даночниот морал бара мотивирање и промовирање активно и одговорно граѓанство кое е вклучено и свесно за општествената важност на даноците, а од друга страна, транспарентно и ефикасно трошењето на јавните средства, за да се овозможи и развој и социјална кохезија.
–Со оваа акција планирано е пилотирање на иновативен пристап од областа на економијата на однесувањето (behavior economics) за носителите на политиките за подобрени јавни услуги и да дадеме позитивни импулси на граѓаните за прашањата за унапредување на даночниот морал и доброволното подмирување на даночните обврски (tax compliance), рече Димовска.
Со овој форум претставниците на месните заедници ќе имаат можност да ги одредат приоритетите со што се започнува планирањето на Буџетот за 2022 г, рече Тони Стоименовски од ЛЕР на Општина Делчево и додаде дека во насока на транспарентна постапка за креирање на Буџетот, ќе следуваат форуми и со други фокус-групи.
Одбраните приоритети во вид на документ ќе бидат доставени до Општината.
Инаку, освен Делчево, во овој проект се вклучени и Општина Пехчево, Општина Гостивар и Општина Крива Паланка.