Пред преполната киносала, синоќа во Делчево беше промовирана песната „Големи музичари“ посветена на прерано починатите музичари од Делчево, Слободан Илиоски – Цобе, Слободан Момчилов – Каторе, Демирали Мемедов – Демко и Љупчо Ангеловски – Линцур. Музиката и аранжманот е на Ѓорѓи Арсов, а текстот е на Слободан Димитровски-Нане кој истакна дека оваа песна е подарок за нивните колеги кои ќе живеат вечно, а нивната работа е аманет за младите.
Настанот беше посветен на ликот и делото на овие музичари, а за нив зборуваа нивните соработници: Андријана Димитровска, Зенил Реџепов, Лидија Дамјановска и Кире Цоневски. Публиката уживаше и во изведбата на женската пејачка група „Ѓурѓа“ основана од Слободан Илиоски-Цобе.
Градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски истакна дека со овој настан Делчево сака да оддаде почит на големите музички имиња и културни работници кои својот животен век го посветија на музиката и развојот на културата во Делчево.
-Овие културни работници дадоа белег на Делчево и ќе останат во аналите на градот и поставија високи норми и го трасираа патот за развој на културниот живот во Делчево, рече Трајковски.
На настанот присуствуваа семејствата на починатите музичари, Илиоски, Момчилов, Мемедови, Ангеловски.
Вечерта посветена на големите музичари од Делчево беше во организација на Општина Делчево и НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“, а пораката е дека ова е прва ваква манифестација која ќе ги обединува музичарите од регионот и ќе прерасне во традиција.