Делчево денеска го чествуваше споменот и оставнината на храбрите илинденци од 1903 и 1944. Со пригодна свеченост, одбележаa двата Илиндена, 118 години од Илинденското востание и 77 години од Првото заседание на АСНОМ.
Одбележувањето се одвиваше пред спомен- обележјата во градот кои го чуваат споменот на револуционерната борба од Илинденскиот период, како и од НОВ.
Пред споменикот на великанот Гоце Делчев, преку рефератот подготвен од играорците од КУД „Гоце Делчев“ од Делчево беше потенцирано значењето и улогата на Илинденското востание во 1903 година во развојот на револуционерната мисла и борбата и аманетот на храбрите илинденци.
Чествувањето продолжи пред споменикот на паднатите борци, каде за значењето и улогата на Првото заседание на АСНОМ, пригоден реферат прочитаа членови на КУД „Гоце Делчев“.
Во рамките на одбележувањето, пред двете спомен-обележја во градот, свежо цвеќе положија делегација на Општина Делчево, претставници на Советот на Општина Делчево, претставници од политички партии, јавни институции, здруженија на граѓани.