Нова парковска содржина во Делчево

  • Новости

Новото партерно и хортикултурно решение нуди уште едно пријатно место за одмор во Делчево. Деновиве завршија градежните работи на новата парковска содржина лоцирана на специфичен терен, наспроти ресторанот „Трла“, каде се засадени украсни садници, уредени зелени површини и поставено соодветно осветлување како надополнување на просторот. Исто така, поставена се и клупи за одмор и канти за отпадоци, а бидејќи станува збор за специфичен тесен простор, покрај главната улица „Маршал Тито“, целата партерна содржина е во вид на трибини.

 Градоначалникот Трајковски кој направи увид во работите, потенцираше дека целта на овие активности е да се оплемени просторот и локациите кои наликуваа на депонии во централното градско подрачје, позитивно да го сменат ликот на градот.

Ова хортикултурно и партерно решение е надополнување на парковската содржина која во моментов се уредува на познатото место за одмор на делчевци, кај врбата, каде ќе биде поставена нова чешма-фонтана заедно со нова урбана опрема и ново хортикултурно решение. Овие две нови парковски содржини се на 200 м2 површина и заедно со паркот покрај „Жито маркети“ во централното градско подрачје кој го оплемени просторот кој до неодамна беше мини депонија, даваат нов лик на централното градско подрачје.

Инвестицијата за изградба на двете нови парковски содржини е на Општина Делчево, а работите ги изведуваат екипи на ЈКП „Брегалница“.

Shares