Во пресрет на почетокот на новата учебна 2021/22 година, градоначалникот Горан Трајковски одржа работен состанок со директорите на трите образовни институции во градот на кој главна тема беа подготовките на училиштата за безбеден прием на ученици и нормален тек на настава.
Првите луѓе на делчевските училишта потврдија дека училиштата се подготвени за старт на новата учебна година со физичко присуство за што максимално се става акцент на актуелните протоколи за заштита од ковид 19 и на учениците и на наставниците.
Во СОУ „М.М. Брицо“ Делчево годинава во прва година се запишани вкупно 113 ученици и тоа 76 ученици во гимназиско образование во 4 паралелки, 16 ученици во текстилно– кожарска струка во 1 паралека и 21 ученик во хемиско– технолошка струка во една дуална паралелка. За учениците од прва година во текстилно– кожарската струка досега се обезбедени стипендии од неколку фирми: АД „Фротирка-компани“, „ММЦ– прогрес“ и „Лукатекс“, додека учениците од хемиско– технолошка струка кои ги исполнуваат условите од Конкурсот за дуалното образование ќе добиваат стипендии од МОН.
Вкупно запишани ученици за учебната 2021/22 година во делчевскиот средношколски училишен центар се 418.