Промовирана книгата-аманет за идните генерации делчевци

  • Новости

Синоќа во Делчево беше промовирана монографијата за „Делчево и животот на делчевци од 1920 до 1960“ од авторот Љупчо Прачковски која го опфаќа периодот на создавање на градскиот живот во Делчево, тогашно Царево Село.

Авторот создал дело во кое е прикажан развојот на Делчево, дело кое претставува аманет за сегашните и идните генерации за да ја продолжат приказната за Делчево.

На стотина страници, Прачковски, од аспект на животот, го прикажува секојдневието  на обичниот човек, на малите, но по многу нешта големи луѓе, со сите радости, таги и анегдоти, па преку своите живи сведоци, споменати во книгата, со нивните спомени и љубоморно чувани стари фотографии пожолтени од времето, ја создава приказната за штотуку роденото Делчево.

Инспириран од спомените на неговата мајка Злата Прачковска за неговиот дедо Илија Такев Илиев познат предводник на делчевските Соколи, Прачковски со години трага по секојдневните случки на делчевци, со ентузијазам и многу вложен труд, ни ја пренесува сликата на создавањето на делчевската чаршија, на првите занаетчии, кафанџии, на градското корзо, на убавите моми и веселите момчиња, на првите игранки организирани во читалиштето, но и соколаната, на боемите кои му даваат посебен зачин на тогашниот живот,  со цел да го сочува од заборав и да го  вткае во редовите на оваа монографија. Во книгата се поместени и биографии за истакнати личности од тоа време, не само преку зборови, туку со 70 фотографии, ни је доловува сликата на Делчево од тој период.

Црпејќи богати податоци од своите соговорници, тој ќе ни открие многу интересни факти, факти кои зборуваат за развојот на градската средина, влијанието на општествените околности, влијанието на поголемите градови, влијанието на учените луѓе кои носеле промени во секојдневието на жителите.

Настанот е организиран во рамките на одбележувањето на 7 Септември, Денот на ослободување на Делчево и 8 Септември, Денот на независноста на РСМ, а по тој повод, градоначалникот Горан Трајковски, на авторот Љупчо Прачковски му додели Признание за неговиот ентузијазам и труд вложен во општетсвениот развој на Делчево.

Промотори на книгата беа м-р Даниела Такева и Миле Горѓијоски, а настанот е во организација на Општина Делчево, НУЦК „Никола Јонкова Вапцаров“ и ЈЛБ „Илинден“.

Shares