Започна изградбата на локалниот пат Делчево -Тработивиште

Денеска започнаа градежните работи за изградба на стариот локален пат Делчево-Тработивиште кој е проектиран за изградба во должина 5,3  км. Моментално се работи на расчистување на трасата, а согласно со проектот на оваа делница која е значајна за жителите од с. Тработивиште и с. Разловци, но и за Делчево, ќе се изгради и инсталација за одводнување со отворен канал и пропусти.

Изградбата на овој локален пат е во рамките на „Проектот за поврзување локални патишта во РСМ”, кој Министерството за транспорт и врски го реализира со финансиска поддршка на Светска банка.

Градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски, денеска направи увид на стартот на работите при што истакна дека се решава уште еден приоритет за жителите од селата Тработивиште и Разловци кои, покрај регионалниот пат, сега ќе добијат уште една патна алтернатива.

Одговараме на приоритетите на сите жители на Делчево. Овој проект, покрај општествената одговорност има за цел подобрување на пристапот на граѓаните до услугите и објектите од јавен интерес, како и зголемување на мобилноста и безбедноста во сообраќајот, истакна Трајковски.

 Покрај изградбата на овој локален пат, во рамките на овој проект на Општина Делчево се доделени вкупно 781.714,36 евра, а во првата фаза ќе се изгради и реконструира патна инфратсруктура во Делчево во должина од 6,1 км: реконструкција на ул „Орце Николов“ во должина од 500 м. со изградба на тротоари, реконструкција на ул. „Скопска“ во должина од 250 м. со изградба на тротоари, реконструкција на дел од ул „Острец“ во должина од околу 50 м. со изградба на потпорен ѕид и тротоари, кој претставува црна точка во сообраќајот.

Со реконструкцијата на овие улици ќе се придонесе кон значително подобрување на состојбата со патната инфраструктура во Општината, решавање клучни проблеми, а секако и подобар квалитет на животот на граѓаните, бидејќи станува збор за улици кои се доста фреквентни, а сето тоа ќе влијае и на локалниот економски развој.

– Со средствата што остануваат на Општина Делчево по реализацијата на првата фаза од вкупниот определен износ, ќе се реализираат и други инфараструктурни проекти кои ќе бидат одбрани како приоритети за граѓаните, односно преку месните и урбаните заедници, всушност, како што течеше постапката и за првата фаза од реализацијата на големиот инфраструктурен проект за Делчево,истакна Трајковски.

Градежните работи ги изведуваат група изведувачи „Ескалатори“ ДООЕЛ Скопје и Битем ДООЕЛ Скопје.

Shares