Во празнична атмосфера, Делчево денеска одбележува 77 години од ослободувањето на градот и 30 години од независноста на Република Северна Македонија.
По тој повод беше одржана Свечена седница на Советот на Општина Делчево на која претседателот на Советот, Драган Маневски изрази благодарност на сите членови на Советот во изминатиов период, на сите градоначалници и поранешни претседатели кои со својот личен ангажман, несебичен труд и залагање, дадоа значаен придонес во изградбата и развојот на Делчево.
-Во изминатиов 4-годишен период Советот на Општина Делчево одржа 55. Редови работни седници и разгледа околку 1200 точки на дневен ред. Донесени се 557 одлуки од кои 300 одлуки за вклопување на бесправно-изградени објекти во урбанистичко-планска документација на физички лица, донесени се одлуки за изработка на урбанистичко-проектна документација за Проект за инфраструктура за изградба на водоснабдителен систем за с. Габрово и с. Ѕвегор, донесени се и повеќе одлуки за приоритет на проекти за аплицирање до Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој, кои имаат за цел да дадат придонес кон подобрување на условите и кавлитетот на животот на нашите сограѓани. Донесени се сите програми за работа на општинската администрација, ЈКП „Брегалница“, училиштата, библиотеката, детската градинка. Разгледани и усвоени се и нивните планови и извештаи за работа, рече Маневски.
Овој значаен ден за Делчево е посветен на сите директни и индиректни учесници во борбата со огнената стихија незапаметена во историјата на Делчево која се закануваше да го уништи сето тоа што со години е создавано и со што се гордееме, порача во своето обраќање градоначалникот Горан Трајковски. Тој од говорницата упати јавна благодарност до сите кои се вложија во оваа криза.
Во својето обраќање, градоначалникот Трајковски ги презентираше реализираните и актуелните проекти.
– За овој период од неполни 4 години, во општината се изградија и реконструираа над 20 км локални патишта и улици. Одговоривме на приоритетите на граѓаните и од урбаниот и од руралниот дел. Ако ја сумираме вредноста на поголемите инфраструктурни проекти реализирани во Делчево се доаѓа до сума од над 200 милиони денари инвестирани во патна инфраструктура. Но, ќе потенцирам дека овој период изградивме околу 5 км атмосферска и водоводна инсталација и 6 км фекална канализација. За краток временски период ќе започне промена на дотраената водоводна инсталација и замена со полиетиленско црево во нас. Милково Брдо и нас.Трети реон, рече Трајковски.
На Свечената седница беше доделена општинско признание на ТППЕ Делчево за нивната активна вклученост во борбата со огнената стихија во август 2021 г во Пијанец, а посебни благодарници добија институции и фирми кои беа директно или индиректно вклучени во гаснењето на пожарите.
Традиционално на Свечената седница беа доделени и наградите за најубаво уреден двор. Согласно со оценката на Комисијата награда за најубав двор добија: Јован Здравсковски, Ванчо Стојмирски и Виолета Пецова од с. Ѕвегор, додека за колективно домување награда освоија станарите од колективната зграда бр. 2 на ул „Кеј на Брегалница“.
Свечената седница беше искористена и за доделување на наградите на првенците на генерацијата од трите образовани институции, како и на наградените матуранти.
Чествувањетo на двата значајни датуми од историјата на Делчево започна пред споменикот на паднатите борци во центарот на градот кој го чува споменот на паднатите борци во НОВ од делчевскиот крај, каде беше прочитан рефератот богат со историски податоци за Денот на ослободувањето на Делчево и Денот на независноста, од страна на членовите на КУД „Гоце Делчев“ по што свежо цвеќе положија: делегација од Општина Делчево предводена од градоначалникот Горан Трајковски, делегација од Советот на Општина Делчево, предводена од претседателот Драган Маневски, претставици од институции, политички партии и здруженија на граѓани.