Втора фаза од проектот „Водоснабдување на Делчево“-започнува изградбата на водводните системи во с. Габрово и с. Ѕвегор

Фирмата „Бауер БГ“ започнува со изградба на новите водоводи во Ѕвегор и Габрово, како дел од втората фаза од реализацијата на големиот проект „Водоснабдување на Делчево“. Претставници од фирмата, заедно со претставници од Министерството за животна средина, Швајцарската консултантска фирма заедно со градоначалникот Трајковски и директорот на ЈКП „Брегалница“, Стојковски, денеска на терен извршија увид во подготвителните активности за старт на градежните работи и вовед на изведувачот во работа.

Како што истакна градоначалникот Горан Трајковски трајно се решава проблемот со водоснабдување во Габрово и Ѕвегор.

Комплетно нов водоводен систем ќе добијат двете делчевски села Ѕвегор и Габрово. Постоечката мрежа за водоснабдување целосно ќе се замени со нова. За да се подобри водоснабдувањето во Ѕвегор, предвиден е нов резервоар со капацитет од 150m3. За да се обезбеди непречен пристап на кумуналното претпријатие до цевководите, како и објектите на мрежата, новата мрежа ќе биде водена по улиците на селото, а се предвидуваат и хидранти распоредени на достапни места во селото, покривајќи ја целокупната урбана површина за справување со пожар, истакна Трајковски.

Додека за с. Габрово, како што истакна директорот на ЈКП „Брегалница, Стојковски, ќе се намалат трошоците за производство на вода поради големата потрошувачка на електрична енергија од застарените пумпи во бунарот и трошоците поради честите дефекти.

 -Во Габрово и Ѕвегор ќе се добие континуирано снабдување со квалитетна вода за пиење и во доволен капацитет. Што значи трајно решавање на проблемот со водоснабдувањето конкретно во овие две села, а со дореализацијата на големиот проект ќе се реши и проблемот со водоснабдување на селата од Тработивиште,  до Делчево, истакна Стојковски.

Втората фаза од проектот „Водоснабдување на Делчево“, е финансиран од Министерството за животна средина во висина од 1, 3 милиони швајцарски франци. Вкупниот проект „Водоснабдување на Делчево“ е во износ од 7, 3 милиони швајц.франци од кои 6 милиони се донација од Швјацарската конфедерација, а 30.000 швајцарски франци контрибуција на Општина Делчево.

Shares