Саем за социјално претприемништво во Делчево

  • Новости

Во присуство на американската амбасадорка Кејт Мари Брзнс, претставници од Амбасадата на САД во Софија, градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски, претставници од бизнис-заедницата и невладиниот сектор, денеска во Делчево се одржа првиот Саем за социјално претприемништво. На Саемот главен збор имаа 50 –ина млади од регионот вклучени во проектот „Бизнис- развој на млади преку социјално претприемништво“ кои  презентираа идеи од различни области со фокус на социјалното претприемништво.

„Ако сакаме да градиме подобра иднина треба да инвестираме во оние кои се двигатели на подоброто утре, а тоа е младината“ порача амбасадорката Брнз и додаде дека прв чекор во остварување на оваа цел е да се слушнат младите, да се соединат во мрежа на познанства за понатаму да се спроведуваат идните идеи.

-Овој проект не само што ги исполни нашите цели, туку и ги натфрли нашите очекувања, а тоа  е благодарение на сите што помогнаа на младите за да ги остварат целите. Мојата заложба е да се креираат конекции меѓу младите луѓе, локалните бизниси, институции, владата за подобра иднина на нашите идни генерации, рече амбасадорката Брнз.

Градоначалникот Трајковски го потенцираше значењето на социјалното претприемништво истакнувајќи дека во поддршката на социјалната економија потребно е да се вклучи и пошироката бизнис заедница паралелно со јавните институции и агенции, како и граѓанскиот сектор

-Во земјава има само триесетина фирми формирани врз основа на социјалното претприемништво, а во Делчево нема ниту една. Тогаш е јасно, колкаво е значењето на овој проект во кој активно беа вклучени млади лица. И, всушност, за многу работи треба и да учиме од младите, да го слушаме нивниот глас, идеи, бидејќи тие се и прогресивната сила, онаа која води напред во развојот на едно општество. Како градоначалник на Делчево, сакам да испратам порака дека даваме поддршка на реализацијата на сите проекти кои носат и отвораат една нова перспектива, рече Трајковски.

Проектот го реализираше Регионалниот центар за застапување Делчево со финансиска поддршка на Американската амбасада, а целта  е да се подигне јавната и институционална свест за социјалното претприемништво, да се стимулира развојот на нови социјални производи, услуги, технологии и можности во источниот регион на земјата, што долгорочно ќе донесе повеќе приходи, раст на економијата и подобар животен стандард.

Како краен и најзначаен резултат од проектот е воспоставување на првиот Младински ХАБ за социјално претприемништво во Делчево со цел развој и поддршка  на претприемачки вештини на граѓаните во наредниот период од две години.

Shares