Директорот Бабовски: одгледувачите на свињи ќе бидат обештетени

  • Новости

По појавата на африканска свинска чума во делчевското село Драмче, во радиус од три километри досега се уништени вкупно 195 домашни свињи, односно на овој потег нема ниту една жива свиња. Направена е депопулација, со што лешовите од овие животни се депонирани во сточна јама во близина на градската депонија во Делчево, каде се преземени сите мерки за да не дојде до ширење на вирусот. Ова го истакна директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Николче Бабовски.

Во наредните денови, Бабовски соопшти дека ќе продолжи депопулацијата во радиус од десет километри во одгледувалиштата каде не можат да се спроведат биосигурносни мерки или во одгледувалиштата во кои ќе бидат дијагностицирани нови случаи на овој вирус.

На ниво на цела држава, АХВ спроведува вонреден попис на сите одгледувалишта на свињи и проверка на веќе воспоставената категоризација за примена на безбедносните мерки. Во овој период воведена е забрана за какво било движење на приемливи животни, со исклучок на оние животни што со соодветна дозвола се носат на колење.

Бабовски додаде дека сите одгледувачи на свињи ќе бидат целосно обесштетени, односно средствата што ќе им бидат исплатени нема да бидат пониски од пазарната вредност на секое  грло. Директорот на Агенцијата потенцираше дека месото од свињи, кое е претходно прегледано, и со негативен резултат на африканската свинска чума, не е опасно за конзумирање.

Shares