Ехо на дојка секоја среда во Здравствениот дом во Делчево

  • Новости

Секоја среда во Здравствениот дом во Делчево ќе се вршат прегледи  ехо на дојка. Оваа нова здравствена услуга за делчевските пациентки стартува од 2 февруари и пациентките ќе можат преку своите матични доктори да закажат прегледи преку Мој термин кај д-р Андријана Илиевска-Велковски.

Воведувањето на оваа нова здравствена услуга е резултат на прифатената иницијатива за  воведување превентивни прегледи на дојка доставена до Здравствениот дом во Делчево од страна на Комисијата за еднакви можности при Општина Делчево. Со поддршка и огромно залагање на пратеничката д-р Соња Михаиловска, директорката на Здравствениот дом, д-р Марија Глигоровска, како и на д-р Андријана Илиевска-Велковски, прегледот ехо на дојка влезе во системот на услуги во Здравствениот дом.

Координаторката на еднакви можности во Општина Делчево, Сузана Петровска потенцираше дека раното откривање на малигни промени на дојката е најважно во борбата со канцерот на дојка, што е често заболување во нашата средина.

–  За оваа 2022 г, воведувањето ехо прегледи на дојка беше наша прва иницијатива и резултат на долгогодишната потреба на жените од Делчево, бидејќи пациентките за прегледи на дојка често одеа по центрите во Штип, Скопје, се чекаше и подолго време за термини, или тие плаќаа во приватни ординации. Но, знаеме и дека многу од жените се откажуваа од вакви пргледи, дали поради работните обврски, отсуствата од работа, патните трошоци, фактори кои го ставаат во ризик здравјето на жената. Сега, кога Здравствениот дом има едуциран кадар, се создадоа можности за воведување на ваква превентивна услуга и во таа смисла во име на КЕМ изразувам јавна благодарност до сите кои овозможија жените од Делчево во јавното здравство да добиваат услуга која може да им го спаси животот, рече Петровска.

Shares