Советниците ја одржаа 6 Седница на Советот на Општина Делчево

На денешната 6 Седница на Советот на Општина Делчево, советниците дадоа согласност на Одлуката за висината на надоместокот за одржување паркови и јавно зеленило во Општина Делчево согласно со која висината на надоместокот ќе изнесува 40,00 денари, месечно, износ кој компаративно со другите општини е најнизок во државата за таа услуга. Како што беше истакнато и на Комисијата за комунални работи и сообраќај и на самата Седница на Советот,  воведувањето на овој надоместок на физичките и правните лица, како крајни корисници, е врз основа на законските решенија предвидени во Законот за комунални дејности и Законот за урбано зеленило.

Советниците на Седницата дадоа согласност и на висината на надоместокот управување и одржување на градските гробишта во Општина Делчево согласно со која се утврдува месечен износ од 50 денари или 600 денари на годишно ниво за управување и одржување на градските гробишта, износ кој компаративно со другите општини е најнизок во државата. Висината на оваа давачка во Делчево не е променета од 2011 година, кога е дефиниран и досегашниот износ што го плаќаа граѓаните од 20 денари месечно. Согласно со образложението дадено и на Комисијата за комунални работи и сообраќај и на денешната Седница на Советот, последниве 11 години повеќекратно се зголемени трошоците за одржување на градските гробишта, па неопходно е покачување на висината на овој надоместок.

На Седницата беше усвоена и Програмата за работа на Советот на Општина Делчево за 2022 година; Програмата за превенција на детско прстапништво; Одлуката за  утврдување на вредноста на бодот за пресметување на платите на  административните службеници, давателите на јавни услуги, директорот и помошно-техничките лица вработени во ОЈУДГ „Весели Цветови“-Делчево; Одлука за парична помош по барање на Кикбоксинг клуб „АС“ од Делчево согласно со која се одобри паришна помош во износ од 10.000 денари, средства наменети за покривање на патните трошоци за учество на Државно првенство; Одлука за приоритетен проект: „Набавка и поставување на лед диодни светилки  во општина Делчево во рамки на грантот од  Проектот за подобрување на општинските услуги“ финансирани со заем од Меѓународната банка за обнова и развој (Светска банка), Компонента В: Грантови за успешност.

Меѓу другите точки, советниците на оваа Седница ги усвоија и полугодишните извештаи за учебната 2021/22 на СОУ „М.М.Брицо“,на ООУ „Ванчо Прке“ и на ООУ „Св.Климент Охридски“.

Shares