Засадени 30 садници по повод 30-годишнината од осамостојувањето на Царинската управа на РСМ

  • Новости

По повод 30 години од осамостојувањето на Царинската управа на Република Северна Македонија, денеска на Царинската испостава на Граничниот премин Делчево беа засадени 30 садници. Засадувањето на садниците е една од активностите кои се планираат за достојно одбележување на јубилејот на Царинската управа.

Во акцијата, освен претставници од Царинската управа и Граничната полиција на Граничниот премин Делчево,  и нивните колеги од царинските служби во соседна Бугарија, учество зеде и градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски и претставници од ТППЕ Делчево.

Градоначалникот Трајковски испрати честитки по повод јубилејот.

– Во пресрет на одбележувањето на Денот на македонската царина, 14 Април, испраќам честитки по повод празникот и, воедно, би истакнал дека улогата на Царинската испостава на Граничниот премин Делчево, за нас делчевци и за развојот на економијата на самиот град, како погранично место, е круцијално. Граничниот премин е отворена врата за влез и за излез од државата, што подразбира, брз, но и безбеден проток на стоки, слободен и контролиран премин на граѓани, што недвосмислено го прави нашиот град интересна транзитна точка, но е од големо значење и за фирмите од Делчево и, воопшто, од регионот, нагласи Трајковски.

Управникот на Царинарница Штип, Иван Спасевски, потенцираше дека по повод јубилејот, Царинската управа ќе организира низа активности и акции.

-Царинската управа организира разни манифестации по повод јубилејот, организираме и крводарителска акција со цел да го поттикнеме значењето на крводарувањето, а воедно, ја користам оваа прилика на сите вработени во Царинската управа на РСМ да им го честитам празникот-рече Спасевски.

До 1991 година царинската служба делуваше во рамките на поранешна СФРЈ. По осамостувањето, Собранието на 14 април 1992 година го усвои Царинскиот закон со кој е основана Царинската управа на Република Северна Македонија која од тој момент го стекна суверенитетот и контролата на целото царинско подрачје на Република Северна Македонија.

Овој ден – 14 април, секоја година се прославува како Ден на царината.

Shares