Одржана 11 Седница на Советот на Општина Делчево

  • Новости

На денешната редовна Седница на Советот на Општина Делчево, советниците расправаа и донесоа одлуки по 18 точки од Дневниот ред.

Советниците ја донесоа Одлуката за измена на распоредот на средства во Буџетот на Општина Делчево за 2022 година, со која се изврши пренамена на средства за екскурзијата на матурантите, а поголем дел од средствата се распоредени за електрична енергија и улично осветлување, дел за дезинфекција, дератизација и дезинсекција. Средствата се одземени од програма ЈЛ 1.000.000 и од програма Д0 40.000 денари.

Советниците донесоа одлуки со кои ги утврдија приоритетот и намената на инвестицијата за проектот ПАТНА ИНФРАСТРУКТУРА, ДЕЛНИЦА СРЕДНИ БАВЧИ за аплицирање до Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој по Мерка 124 од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2022 година: Инвестиции во инфраструктура за развој на земјоделството, шумарството и водостопанството и заштита од природните непогоди наменети за: Инфраструктура за пристап до земјоделско земјиште под мeрка 124.3. Висината на инвстицијта е до 1.000.000,00 денари без вклучен ДДВ.

Донесена е и Одлука за ослободување од плаќање надоместок за уредување градежно земјиште за изградба на пречистителна станица за вода за пиење со намена Е1.5 – Инфраструктури на водоснабдување (станица за пречистување и дезинфекција) – административна зграда, КО Тработивиште во Општина Делчево;

Советниците донесоа и Одлука за прифаќање иницијатива на Советот на Општина Штип за воспоставување меѓуопштинска соработка за вршење работи во рамките на проектот „Дигитализација на општинските услуги во Источен плански регион“.

На денешната Седница беше донесена и Одлука за утврдување реони во општинските основните училишта од Општина Делчево се опфаќаат учениците од основните училишта на целата територија  на Општина Делчево, а советниците расправаа и донесоа одлуки за формирање на паралелки со помал број ученици во трите образовани институции во градот.

Исто така, на денешната Седница, советниците одлучија да одобрат финансиски средства: во износ од 20.000 денари на ЈЛБ „Илинден“ за печатење на монографијата на авторите Драган Арсов и Софрон Ѓеоргиевски под наслов „Паметници за Царево Село- цркви и манастири и сеќавање на царевоселци“; финансиска поддршка на ЖКК „Патриот“ во износ од 30.000 дена за организација за успешната организација на завршниот турнир „Final Four“ за најдобрите 4 екипи на возраст до 16 години во женска конкуренција кој се одржа на 4 и 5 јуни 2022 година во Делчево. Исто така, советниците определија 30.000 денари за КУД „Гоце Делчев“.

Меѓу другите точки, советници го усвоија Заклучокот на Тромесечниот извештај за финансиското работење на ЈКП „Брегалница“-Делчево за периодот 01.01.2022 -31.03.2022 година, број 0102-150/1 од 19.04.2022 година; а беше формирана и Комисија за доделување награди и признанија на Општина Делчево.

На денешната Седница, Советот донесе Одлука за престанок на мандатот на членот на Советот Сања Николовска од ПП Левица. Одлуката следува по поднесеното Барање на советничката Сања Николовска од ПП Левица, која од лични причини поднесе неотповиклива оставка од функцијата член на Советот.

Shares