Изгаснат пожарот кај делчевско Разловци
Пожарот кој беснееше вчера на планината Средна на потегот од месноста Светите Води до м.в. Ќурчиски колиби во атарот на селата Разловци и Тработивиште, од синоќа околу 19.00 ч беше ставен под контрола, по што е изгаснат. Од утрово екипи на ЈП Национални шуми се на терен и вршат обиколка на опожарената површина и контрола на теренот со цел навремена реакција при евентуално повторно разгорување на пожарот.
Согласно со првичните податоци од РЦУК- Делчево опожарена е површина од околу 40 хектари со сува трева, нискостеблеста шума и борова и дабова шума.
Во гаснењето на огнената стихија активно беа вклучени 30-ина лица и тоа: екипи од ТППЕ Делчево, од ЈП Национални шуми-Подружница „Голак“ Делчево, од Доброволното противпожарно друштво од Делчево, екипи од РЦ-Исток, од ОВР Делчево, како и месно население со механизација. Исто така, во гаснењето на пожарот имало и воздушна поддршка од хеликоптер на АРМ.
Овој прв посериозен пожар годинава, повторно го вклучи алармот и кај сите надлежни институции, но и кај граѓаните и го потенцира прашањето за човечката одговорност за заштита од пожари на шумското богатство.
Во таа смисла, а имајќи ги предвид актуелната временска состојба, високите температури и бујната вегетација, Општина Делчево апелира до граѓаните да бидат крајно внимателни при евентуален престој на отворен простор. Напоменуваме и дека е на сила делумна забрана за движење и престој во шумите во период од 06 ч до 20 ч. и до колку забележат евентуална појава на пожар веднаш да пријават на бесплатните телефонски броеви 193, 192 или на 112.
Да не се дозволи да ни се повторат минатогодишните апокалиптични пожари кои го кои беснееја на планината Средна во периодот од 02.08 – 10.08.2021 година, каде согласно податоците на ЈП Национални шуми „Голак“ Делчево беше опожарена површина од 2.287,00 хектари, 230.987 м3 изгорена дрвна маса и вкупно причинета материјална штета на шумите во висина од 529.073.832,00 денари.