За 1397 ученици во Делчево денеска започна учебната 2022/23 година. Од запишаните ученици, 107 се првачиња, додека 75 ученици за прв пат седнуваат во средношколските клупи во СОУ „М.М.Брицо“.
Традиционално на првиот училишен ден кој започна во празнична атмосфера и со пригодна свеченост подготвена во двете деветолетки за првачињата, во посета на образовните институции во Делчево беше и градоначалникот Горан Трајковски кој имаше средба со одговорните лица во училиштата. На средбата се разговараше за подготвеноста на училиштата за првиот училишен ден, за предизвиците со кои се соочуваат, но и за актуелните и планираните проекти кои се реализираат со цел подобрување на условите за работа и осовременувањето на наставниот процес.
Трајковски посака успешен и среќен почеток на учебната година и истакна дека делчевските училишта се подготвени за успешен старт на учебната година.
–Училиштето е важен, тежок, но навистина, интересен предизвик кој ги отвора вратите на знаењата, напредокот и личниот развој. Најубавите години се ученичките години, а образованието е битна алка за секој поединец. Порачувам на учениците да влезат во образовниот процес со насмевка и со цел да постигнат резултати и да се изградат во личности кои утре ќе ја градат иднината на нашето Делчево! Вашите наставници се тука, да ви помогнат и да ве водат во предизвикот, а Општина Делчево и јас, како градоначалник, ќе ве поттикнуваме со награди и стипендии да постигнувате успеси во натпреварот на знаења, истакна Трајковски.
Инаку, во двете основни училишта во Делчево во учебната 2022/23 година се запишани 107 првачиња. Во ООУ „Ванчо Прке“ се запишани 45 првачиња од нив во централното училиште во Делчево се запишани 44 првачиња, а во Подрачното училиште во с. Ѕвегор, едно прваче. Во ООУ „Св. Климент Охридски“ се запишани вкупно 62 првачиња од кои 55 се во централното училиште во Делчево, едно прваче во с. Разловци, три во Тработивиште, две во с. Град, едно во с. Стамер.
За сите првачиња, трета година по ред, Општина Делчево ќе додели по 3.000 денари еднократна парична помош, како поддршка на родителите за подготовка на учениците за училиште.