Делчево во групата општини со највисок Индекс на отвореност

  • Новости

Општина Делчево е на петтата позиција според Индексот на отвореност на општините во Република Северна Македонија за 2022 г. што е подобрување за 4 позиции или 16 % во споредба со минатата година.  Со оствареност од 52% од обврските, Делчево заедно со Кочани и Велес ја делат 5-та позиција од сите 80 општини и Градот Скопје, според мерењата и резултатите од Проценката на состојбата за добро владеење преку Индексот на отвореност спроведени од Фондацијата „Метаморфозис“.

Индексот на отвореност покажува дека во мерењето за 2022 година најдобри резултати имаат општините Валандово (62 %), Прилеп (59 %), Битола (57 %), Охрид (54 %), Кочани (52 %) како и Велес и Делчево, Демир Хисар и Крушево (50 %) и Василево (47 %), додека најниско се рангирани Долнени (9 %), Врапчиште (8 %), Карбинци (7 %), Бутел (6 %), Сопиште (5 %), Арачиново и Зелениково (3 %) и општина Кривогаштани со 0 %. Проценката е резултат на сеопфатно емпириско истражување засновано врз Индексот на отвореност, чија цел е да се утврди степенот до кој се почитуваат принципите на доброто владеење во локалните самоуправи. Трудот дава длабинска анализа на работата на локалните самоуправи во Република Северна Македонија, но и препораки за подобрување.

За градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски, овие податоци ја покажуваат заложбата на општинската администрација за транспарентно и добро владеење, но потребно е сè уште работа на ова поле.

Ме радуваат податоците од оваа анализа и со самото тоа што имаме подобрување од минатата година за 16 проценти, значи дека работиме на вистинскиот начин. Но, оваа анализа покажува дека локалните самоуправи имаат уште многу работа на полето на отвореност. Нашата цел, како општина е да продолжиме и максимално да ги подобриме 4-те битни сегменти од областа на доброто владеење: транспарентност, свесност, пристапност и интегритет. Само така ќе бидеме поблиску до граѓаните, ќе ја подобриме отчетноста и ќе дадеме придонес во борбата со корупцијата, истакна Трајковски.

Просечниот резултат на единиците на локалната самоуправа, според истражувањето за 2022 година изнесува 27 % што претставува индикација за ниско ниво на отвореност во работењето на локалната власт во Република Северна Македонија. Највисока просечна оценка општините имаат за индикаторите во областа транспарентност 34 %, а најниска просечна оцена имаат во областа свесност 13 %, исто како и минатата година.

Во однос на планските региони, истражувањето покажа дека и во 2022 година најотворени се општините во Југоисточниот Регион, со просечна отвореност од 35 %, додека најмалку отворени се општините во Скопскиот Регион со просечна отвореност од 20 %, наместо Полошкиот во 2021 година, кој сега ја има претпоследната позиција со 21 %.

Shares