„За посреќно детство“ активности по повод Светската недела на детето во Делчево

  • Новости

Основните училишта, детската градинка и ЈЛБ „Илинден“ со низа активности во Делчево ја одбележуваат Светската недела на детето во Делчево.

На настан во организација на ЈЛБ„Илинден“ и детската градинка „Весели цветови“, денеска присуствуваше градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски кој заедно со дечињата беше во посета на библиотеката, каде беше изложена детска литература, сликовници, збирки со басни, боенки и сл.

Директорката на ЈЛБ „Илинден“, Билјана Петровска истакна дека денеска во библиотеката присуствуваа над 120 дечиња кои имаа можност да ги разгледаат и подоцна да ни раскажат за кои ликови од книгата знаат и која сликовница најмногу им се допаднала.

На крајот од оваа наша убава и весела дружба, на дечињата од детската градинка  им доделивме подароци играчки, со кои се надеваме дека добро ќе се забавуваат и ќе цитираме една прекрасна мисла на Доситеј Обрадовиќ „Дајте им на децата насмевка, ќе ти ја дадат душата“, рече Петровска.

По повод Светската недела на детето, градоначалникот Трајковски посочи дека секоја година, првата седмица од месецот октомври им се посветува на децата, а Светската недела на детето e недела кога интензивно се зборува и се промовираат правата на децата.

Вложувањето во децата е вложување во иднината, тие имаат право да живеат во демократско и хумано општество, да се воспитуваат и да учат со цел да се подготват за предизвиците во животот. Општина Делчево континуирано вложува во создавање подобри услови за раст и развој на нашите деца. Во Делчево, ќе се гради нова детска градинка, паралелно, со низа проекти, се подобруваат условите за работа и престој во основните училишта, се отвори сензорна соба во ООУ „Св.Климент Охридски“, а се изгради и инклузивно игралиште во ООУ „Ванчо Прке“ што значи водиме грижа за секое дете, бидејќи секое дете заслужува грижа и еднакви услови за едукација и интеграција, порача Трајковски.

Shares