Делчево денеска беше домаќин на 9. Стручен собир на пожарникарството „Делчево 2022“ кој е во организација на Организацискиот одбор составен од професионалци –пожаникари, Министерството за внатрешни работи и Општина Делчево.
Во рамките на настанот во Делчево, пожарникарите од ТППЕ Делчево спроведоа тактичко-показна вежба-симулација на автомобилска несреќа и извлекување повредено лице, како и презентација на опрема за противпожарна заштита, по што се одржа 9 Стручен собир на кој учествуваа експерти и професионаци од областа на противпожарната заштита од Република Северна Македонија, како и од Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија и Бугарија.
На Стручниот собир беа одржани стручни предавање и презентации во кои се обработуваа актуелни теми, анализи, се пренесуваа и искуства од реални интервенции за: гаснење пожари, евакуација, спасување животи, природни богатства и животна средина, материјално– технички средства, технички интервенции на пожарникарите во различни услови на работа, искуства од прекуграничната соработка, презентација на нови методи и тактики, нова опрема и средства за работа на пожарникарите и др.
Како што истакна м-р Зоран Нешкоски- началник на Секторот за превентивно обезбедување личности и објекти во Одделот за заштита на определени личности и објекти при Бирото за јавна безбедност во МВР на РСМ, претседавач и главен организатор на Стручниот собир „Делчево 2022“, целта на настанот е да се поттикне развојот на пожарникарството, како професионалното, така и доброволното, организирањето вежби со различни сценарија и заеднички настап на службите за брза интервенција од: противпожарните единици од ТППЕ, полицијата, итната медицинска помош, Дирекцијата за заштита и спасување, Црвениот крст на РСМ и други хуманитарни и волонтерски друштва. Овие активности се во насока на стекнување сомодоверба, градење на личните искуства, познанства и пријателства, посочи Нешкоски.
Градоначалникот Горан Трајковски кој го отвори стручниот собир, потенцираше дека Општина Делчево е една од ретките општини во државава која, без помош и поддршка од надлежните институции, сами набавува опрема и возила за пожарникарите.
-По 4 децении, минатата година набавивме ново противпожарно возило, а со поддршка на пријателите од Доброволното противпожарно друштво Стари ТРГ об Колби од Општина Черномељ од Словенија, добивме донација од две противпожарни возила. Исто така и од противпожарната бригада на Град Скопје, обезбедивме опрема за лична заштита на пожарникарите, а перманентно ја набавуваме и потребната опрема за лична заштита со што на професионализмот додавама дополнителна и значајна квалификација, а тоа е личната заштита на пожарникарите. Мора да споменам дека последниве години инвестиравме и во осовременување и подобрување на условите за престој и работа на пожарникарите. Сите овие инвестиции зборуваат дека, како локална власт пристапуваме одговорно и посветено на прашањето противпожарна заштита, а нашите пожарникари од Општина Делчево и од општествено одговорните фирми, редовно ја добиваат потребната поддршка и логистика при секоја нивна поголема интервенција, истакна Трајковски.
Гостите во Делчево имаа можност да се запознаат и со природните и културните богатства на Општина Делчево.