Инсталирана фотоволтаичната централа на СОУ „М.М.Брицо“

  • Новости

Заврши изградбата на фотоволтаична централа во СОУ „М.М.Брицо“. Инвестицијата за инсталирање на фотоволтаична централа за производство на електрична енергија од сончева енергија е вредна 1.1 милион денари и е обезбедена преку проектот на ФООМ „Пилотирање соларни панели во училиштата во Република Северна Македонија“.

Ова е значајна инвестиција и во време на енергетска криза, ќе донесе намалени трошоци за електрична енергија за средното општинско училиште, средства кои потоа можат да се искористат за други потреби на училиштето, истакна градоначалникот Трајковски и додаде дека заедно со претходните инвестиции во училиштето, изградбата на енергетско-ефикасна фасада, ќе донесе сериозен процент на заштеда на енергија и максимално искористување на сончевата енергија.

Фондацијата Отворено општество – Македонија – ФООМ идентификуваше училишта во помали населени места, рурални и урбани во кои по утврдување на соодветните технички можности за изведување, донира инсталација на фотоволтаични соларни системи на 5 училишта. Освен за Делчево, оваа донација е предвидена да се реализира и во Валандово, Чучер Сандево и Центар Жупа.

Општата цел на проектот е да се ​​овозможи искористувањето на сончевата енергија и рационално користење на енергијата во пилот -училиштата со што ќе се поддржи еколошката транзиција на институциите, а истовремено ќе се стреми кон создавање т.н. зелени училишта преку едукација и вклученост на учениците и вработените за енергетска ефикасност.

Во Делчево досега се поставени фотоволтаици на три јавни објекти: општинската зграда, ООУ „Ванчо Прке“ и ООУ „Св.Климент Охридски.

Shares