Во достоинствена атмосфера, Делчево се поклони пред споменикот на Гоце Делчев во центарот на градот оддавајќи почит кон ликот и делото на апостолот на револуционерната борба, идеолог, организатор и водач на македонското револуционерно националноослободително движење кон крајот на XIX и почетокот на XX век и патрон на градот Делчево.
По тој повод, за животот и делото на Гоце Делчев, реферат подготвија членови на КУД „Гоце Делчев“, а пред споменикот на Делчев се поклонија и свежо цвеќе положија: делегација од Општина Делчево предводена од градоначалникот Горан Трајковски, како и претставници од Советот на Општина Делчево, претставници од институциите, политички партии, здруженија на граѓани.
Градоначалникот Трајковски цитирајќи мисла од Делчев истакна дека Делчев е лик кој ги обединува прогресивните сили и мотивира за исполнување на вечната желба на Македонецот за слободна, самостојна држава призната од сите и во рамките на европското семејство.
– „Јас не сакам востание со луѓе кои ќе ме напуштат при првиот неуспех, јас сакам револуција со граѓани кадарни, да ги понесат сите искушенија, на една долготрајна борба, каква поради жестоките политички услови, ќе биде и нашата“-ова е порака на Делчев запишана на почетокот на 20 век која и денеска во 21 век е актуелна за Македонија и е мотивирачка за нас, неговите следбеници кои имаме обврска да ја градиме нашата држава и бескомпромисно да се вложуваме во зацртаниот пат на развој и просперитет, во патот за влез на нашата држава во европското семејство, рече Трајковски.
Тој додаде дека како следбеници на ликот и делото на Делчев ги промовираме неговите заложби и работиме да го изградиме нашиот град достоен носител на неговото име.
-Делчев е револуционерот кој обединува, а не разединува. Делчев е лик од кој треба да учиме како да ја сакаме и да ја градиме нашата општина и нашата држава. Учејќи од него, продолжуваме по патот на прогресот, градејќи достоинствена македонска држава. Нека му е вечна слава!-порача градоначалникот Трајковски.
Во Делчево по повод 151-годишнината од раѓањето на патронот на градот, во организација на ЈЛБ „Илинден беше промовиранат монографијата „Дејноста на МРО во Пијанец од создавањето до крајот на Илинденското востание“ од Спириндон Митевски.
Делчево од 23 април 1950 година со Одлуката на Президиумот, го добива името на великанот, Гоце Делчев.