Јавните институции во градот, вклучително и од Општина Делчево се ослободија од застарениот и неисправен електронски отпад. За прв пат по повеќе од десетина години, а со цел за спроведување на концептот „Нула отпад“, зачувување на чистата животна средина, создавање што помала количина на овој вид отпад, а и согласно со законските одредби, од ООУ „Св.Климент Охридски“, СОУ „М.М.Брицо“, ЈЛБ „Илинден“ и од ЕЛС Делчево, денеска е подигнат стариот и неупотреблив електронски и електричен отпад од страна на колективен постапувач, фирмата „Нула отпад“ ДОО Скопје.
Фирмата „Нула отпад“ ДОО Скопје е правно лице кое е регистрирано како колективен постапувач со опасен отпад во Министерството за животна средина и просторно планирање, а со кое Општина Делчево има потпишано Договор за соработка.
Електронскиот отпад се смета за исклучително опасен, бидејќи овој вид отпад по својот состав има концентрации на опасни супстанции кои може да предизвикаат опасност по животната средина, животот и здравјето на луѓето и имаат повеќе опасни својства, како што се: експлозивност, реактивност (оксиданси), запаливост, надразливост, токсичност, инфективност, канцерогеност, мутагеност, токсичност за репродукција, екотоксичност и својства на испуштање отровни гасови при контакт со вода, воздух или киселина.