Во Делчево се одржа локална дискусија за Националната стратегија за млади 23-27, како дел од втората фаза од консултативниот процес при креирање на новата Национална стратегија како значаен документ за младите. Настанот се реализира во организација на Агенцијата за млади и спорт и поддржувачите на процесот, а во рамки на истиот присуствуваа заинтересирани млади од Делчево и од регионот.
-Делчево е една од последните консултативни средби коишто ги спроведуваме како Агенција за млади и спорт за изработка на новата Национална стратегија којашто ни е во тек. Пред сè, ни е многу значајно да го слушнеме гласот на младите, бидејќи сакаме оваа Национална стратегија да биде инклузивно транспарентна и да дадеме можност секој да учествува и да го даде своето мислење за истата, зошто се работи стриктно за младите. Во нејзината изработка ангажиравме експерти коишто беа избрани на јавен повик, експерти коишто го даваат целиот придонес за да се изнајде најдоброто решение за Стратегијата, истакна Стефан Степаноски, сораборник за младинска политика и граѓански сектор при Агенцијата за млади и спорт.
Целта на овие средби е да се отсликаат реалните потреби на младите, а се очекува Стратегијата која произлегува од Законот за млади од 2020 година, да биде усвоена најдоцна до месец мај оваа година.
Во периодот којшто следува се очекуват коментарите од онлајн-консултациите, а воедно, активностите ќе продолжат и со средби со младинските чадор организации, политичките подмладоци, средношколските унии и други, по што овој процес ќе биде затворен.
Првата драфт- верзија на текстот на Националната стратегија е објавена на веб-страницата на Агенцијата за млади и спорт, а во текот на неделата, текстот ќе биде прикачен и на ЕНЕР. Агенцијата за млади и спорт овие средби ги реализира во соработка со Програмата за развој на Обединети нации – УНДП, Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Фондот за население на Обединети нации – УНФПА.