Советот на Општина Делчево на 21 Седница едногласно донесе нова одлука за дополнително ослободување на населени места од плаќање комунална такса за улично осветлување. Со оваа Одлука, се ослободуваат од плаќање комунална такса за користење и одржување јавно осветлување имателите на електрични броила за мерење електрична енергија без јавно осветлување во следните населени места: Драмче без Димовско Маало, с. Петрашевец, с. Киселица, с. Илиово, с. Турија, с. Вратиславци, с. Косово Дабје, с. Селник, с. Ветрен, с. Црквенец, с.Бигла без Бумбарско Маало, место викано Долни Бавчи, место викано „Бакина Ливада”, место викано Брежје (Потег од место викано „Манастирски ендек” кон место викано Брежје”).
Согласно со Одлуката се ослободуваат од плаќање комунална такса за користење и одржување на јавното осветлување имателите на електрични броила за мерење електрична енергија без јавно осветлување лоцирани и поставени на земјоделско земјиште вон мрежата за јавно улично осветлување и придружни објекти во земјоделски површини вон мрежата за јавно улично осветлување. Доколку во наредниот период се постави систем за јавно осветлување, имателите на објекти на споменатите населени места ќе бидат дополнително задолжени со наведената такса. Одлуката ќе биде доставена до Трговското друштво надлежно за дистрибуција на електрична енергија (ЕВН Македонија), за нивно запознавање и понатамошно постапување.
На Седницата, советниците ги усвоија завршните сметки за 2022 на Општина Делчево, ЈЛБ „Илинден“, на ОЈУДГ „Весели цветови“, на ООУ Св.Климент Охридски“, ООУ „Ванчо Прке“, СОУ „М.М.Брицо“.
Советниците донесоа Одлука за сопствено учество на Општина Делчево за проектот „Регулација на коритото на река Брегалница во централното градско подрачје низводно-фаза 2. Со оваа одлука се дава приоритет и се утврдува намената на проектот кој ќе биде поднесен до Министерството за локална самоуправа, а по Програмата зa рамномерен регионален развој за 2023 со индикативно планирани средства за 2024 година преку Центарот за развој на ИПР . Проектираната инвестиција со вклучен ДДВ изнесува 21.511.636 денари. За реализација на проектот ќе се обезбеди учество од Буџетот на Општина Делчево од 30%, односно 6.453.491.00 денари со вклучен ддв.
На Седницата се донесе и Одлука за утврдување зони за процена на пазарна вредност на недвижен имот и утврдување пазарна вредност на градежно и земјоделско земјиште, според просечни цени на извршени купопродажби во претходна година на подрачјето на Општина Делчево; се усвои и Програмата за одржување јавна чистота во Општина Делчево за 2023 година; Програма за управување со отпад во Општина Делчево за 2023 година, а се донесе и Одлука за одобрување финансиски средства на Крум Николовски за печатење на монографија за с. Косово Дабје во износ од 10.000 ден.