Првиот ден од пролетта, 21 Март, одбележан со екоакции во училиштата, но и пролетно разубавување на градот.
Учениците од ООУ „Ванчо Прке“ заедно со двете подрачни училишта во село Ѕвегор и село Габрово го чистеа училишниот двор од отпадоци, собираа лисја, ги чистеа спортските терени и зелени површини. Во состав на овие активности, посадија и млади садници кои се подарок од ЈП „Македонски шуми“ -Подружница Делчево со што се збогати училишниот двор со нови дрвца. Екосекцијата со учениците од деветто одделение организираа едукативна промоција на ековредностите: чист воздух и чиста вода за пиење и пренесоа пораки за заштита на животната средина и природните ресурси, а во настанот се вклучија и ликовната и литературната секција.
Акции за чистење на училиштето организираа и учениците од СОУ „М.М.Брицо“. Тие го чистеа училишниот двор, но и училниците, спортската сала и конгерсната сала, додека учениците од ООУ „СВ.Климент Охридски“ ќе засадуваат свеќиња, ќе го чистат училишниот двор, а се подготвуваат за посебна програма со која сакаат да го одбележат и Денот на пролетта и Денот на водата.
Традиционално по повод Денот на пролетта се врши и пролетно разубавување на градот. Екипи на ЈКП „Брегалница“ засадуваа пролетни цвеќиња и садници. Денеска се засадија 1.000 цвеќиња и 30 садници јасен на новата тревна површина кај пешачкиот мост „Гоце Делчев“. Акцијата за засадување цвеќиња продолжува и наредните денови и планирано е да се засадат уште 3.000 цвеќиња на јавните површини.
Во изминтатите неколку денови, ЈКП Брегалница интензивно работеше на расчистување на јавните зелени површини, а со градежна механизација и со засејување трева се изврши уредување на просторот кај новиот пешачки мост на површина од 3000 м2. Нова тревна површина се подготвува и од другата страна на кејот на реката Брегалница.