Официјално потпишан Амандманот за проширување на буџетот на проектот „Подобрување на водоснабдувањето на Делчево“

  • Новости

Градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски и директорот на ЈКП „Брегалница“ , Стојче Стојковски, денеска во Министерството за животна средина и просторно планирање го потпишаа Амандманот на основниот билатерален Договор на Северна Македонија и Швајцарската Влада за одобрување дополнителни средства за проектот „Подобрување на водоснабдувањето на Делчево“.

Со потпишувањето на овој документ, се официјализираат најавите од СЕКО-Швајцарија за зголемувањето на буџетот за 1,5 милиони швајцарски франци со кои ќе се покријат зголемените трошоци за проектот, ќе се финансира изградбата на новиот резервоар за вода Чука и рехабилитација на резервоарот за вода во Тработивиште што ќе обезбеди одржливост на водоснабдувањето во Делчево и неговата околина, како и дополнителна поддршка за коропоративен развој и зајакнување на управувањето на ЈКП „Брегалница“.

Дополнително финансирање за проектот обезбедуваат и партнерите на проектот од страна на Северна Македонија, МЖСПП, Општина Делчево и ЈКП „Брегалница“. МЖСПП обезбедува 335.000 швајцарски франци од кои 325.000 швајцарски франци ќе се користат за поврзување на селото Вирче со пречистителната станица за вода за пиење и 10.000 швајцарски франци ќе бидат искористени за надзорот на работите за поврзување на Вирче.

Општина Делчево заедно со ЈКП „Брегалница“ обезбедува локален придонес од 55.000 швајцарски франци за покривање на трошоците за изработка на техничка документација, финансирање работи за куќни приклучоци во селата Габрово, Ѕвегор и Вирче и покривање на трошоците за продолжениот корпоративен развој на ЈКП „Брегалница“.

Со новото проширување на буџетот, Проектот „Подобрување на водоснабдувањето на Делчево“ носи инвестиција од над 9 милиони швајцарски франци и е најголема инвестиција во историјата на Делчево.

Shares