Нов асфалт на ул „Ванчо Пpке“

По 43 години од изградбата, најфреквентната улица во населбата Втори Реон, ул „Ванчо Прке“, доби нов асфалт. Заврши асфалтирањето на улицата со што жителите на оваа населба во Делчево добија современа сообраќајница и современа патна инфраструктура и пристап до своите домови. Улицата е реконструирана во должина од 223 метри, а изградени се и тротоари по должината на улицата.  

Увид во завршните работи на реконструкцијата направи градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски кој посочи дека со реконструкцијата на оваа улица се реши актуелниот проблем со оштетеноста на коловозот и ударните дупки.

-Реконструкцијата на улицата беше приоритет за решавања и одговор на барањата на граѓаните од населбата Втори реон. Станува збор за најфреквентна улица во населбата која е со голем наклон, но беше и доста оштетена што директно влијае на безбедноста на учесниците во сообраќајот. Со реконструкцијата се влијае на подобрување на безбедноста во сообраќајот на учесниците, како и квалитетот на живеење на населението од ромска, македонска и турска етничка заедница која живее на улицата и во овој дел од нaселбата, рече Трајковски.

Реконструкцијата на улицата е финансирана од комбинирани извори, преку Владата на РСМ и МТВ за поддршка на имплементација на Декадата и Стратегијата на Ромите и Општина Делчево.

Вредноста на работите изнесува 2.712.867,00 денари со вклучен ДДВ. Владата на Република Северна Македонија го исплаќа износот од 1.428.074,00 денари, а Општина Делчево износот од 1.284.793,00 со вклучен ДДВ.

Работите ги изведуваше ЕУРО-БЕТОН ДООЕЛ извоз-увоз с.Град.

Инаку, на оваа улица претходно беше реконструирана водоводната мрежа при што беше заменета старата дотраена азбестна водоводна мрежа со нова пвц-инсталација.

Shares