Почна новата учебна година

  • Новости

Во новата учебната година 2023/24 г. во Делчево ќе учат 1.333 ученици. Од нив за прв пат во ученичките клупи ќе седнат 95 ученици во двете основни училишта. Во ООУ „Ванчо Прке“во новата учебната година  вкупно се запишани  463 ученици, а во прво одделение се запишани 45 ученици. Во „Св.Климент Охридски“ се запишани ученици 503 ученици, а во прво одделение 50  ученици.

Во средношколските клупи во СОУ „ Методи Митевски Брицо Делчево за прв пат ќе седнат 90 ученици. Од нив, 61 ученик е запишан во гимназиско образование, а 29 во стручните паралелки. Во средношколскиот центар за учебната 2023-2024 година вкупно се запишани 367 ученици. Во гимназиско образование ќе учат 279 ученици, додека во стручното образование 88 ученици, односно во текстилната струка се запишани 34 ученици, додека во хемиско технолошката 54 ученици.

Честитки до учениците по повод почетокот на новата учебна година испрати и градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски кој посакувајќи им среќна и успешна посочи дека училиштето е значаен и интересен предизвик кој ги отвора вратите на знаењата, напредокот и личниот развој.

Најубавите години се ученичките години, а образованието е битна алка за секој поединец. Затоа, влезете во образовниот процес со насмевка и со цел да постигнете резултати и да се изградите во личности кои утре ќе ја градат иднината на нашето Делчево и нашата држава! Вашите наставници се тука, да ви помогнат и да ве водат во предизвикот, а Општина Делчево и јас, како градоначалник, ќе ве поттикнуваме со награди и стипендии да постигнувате успеси во натпреварот на знаења.Ви посакувам среќа и многу успеси!, порача Трајковски.

Општина Делчево за секое прваче доделува еднократен надоместот во висина од 3.000 денари, а редовно доделува 28 стипендии од кои 18 за средношколци во две категории и 10 стипендии за студенти, додека најдобрите 10 матуранти добиваат наградно патување низ Европа.

За минатата година за награди и стипендии од Буџетот на Општината се исплатени 438.000 денари, а за првачињата се предвидени 300.000 денари.

Shares