Отворена изложбата „Христијански светители“

  • Новости

Седумдесет дела со ликови на христијански светители изработени на природен материјал со техника пирографија, денеска беа изложени во Делчево во рамките на тематската авторска изложба „Христијански светители“ од уметникот Влатко Анчов.

За изложените дела и техниката на работа говореше директорката на ЈЛБ „Искра“, Кристина Ѓорѓиевска- Атанасова, која нагласи дека пирографијата како вид уметничко творење значи „пишување со оган“ со специјално дизајниран загреан уред кој се нарекува пирограф.

-Делата се изработени на природен материјал-дрво: бука, јасен и топола. Авторот е инспириран од христијанската религија и изработува слики од познати христијански светители. Пирографијата претставува изразување и украсување на дрвото и во зависност од инспирацијата на авторот и неговата умешност, односно уметничкото изразување, дрвото добива приказ во различни тонови, од посветли до многу многу темни драматични ефекти, рече Ѓорѓиевска-Атанасова.

Според авторот Анчов, да се изработи уметничко дело со лик на светец е работа која со себе носи голема одговорност, бидејќи делото треба да изгледа достоинствено и да претставува творештво кое ќе ја изразува христијанската вера во Бог и во светителите.

Влатко Анчов е роден во Кочани и е пензиониран старешина во АРМ. Пирографијата како уметнички израз е негово хоби повеќе од 10 години. Досега има изработено повеќе од 250 дела, а ова е негова втора самостојна изложба.

Директорката на ЈЛБ „Илинден“, Билјана Петровска истакна дека изложбата има продажен карактер и таа ќе биде поставена во читалната на библиотеката наредните 10 дена и сите заинтересирани граѓани ќе имаат можност да ја погледнат.

Изложбата „Христијански светители“ е во организација на ЈЛБ „Илинден“ и Општина Делчево во рамките на прославата по повод Денот на ослободување на Делчево и Денот на независноста на РСМ.

Shares