Ќе се подготвува техничка документација за три кружни крстосници во Делчево

  • Новости

Во рамките на проектот „Градење на општинските капацитети за имплементација на проекти-фаза 2“, финансиран од Шведската агенција за меѓународна соработка СИДА и Бирото за регионален развој,  со поддршка на УНДП, а во рамки на добиениот грант за аплицираниот проект „Подобрување на сообраќајните услови и безбедноста во сообраќајот преку изградба на кружни крстосници во градот Делчево“, ќе се изработува техничка документација за изградба на три кружни крстосници во Делчево.

Денеска градоначалникот Горан Трајковски на настан организиран од УНДП- Програма за развој на Обединетите нации и во присуство на раководителот на СИДА, Микаел Атерхог, министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов, директорот на Бирото за регионален развој, Рамиз Реџепи, како и градоначалници од 10 општини и директори на центри за плански развој,  го потпиша Договорот за финансирање техничка документација, при што нагласи дека оваа техничка документација ќе овозможи услови за изградба на предвидените крстосници кои се во насока на подобрување на безбедноста во сообраќајот.

– Потребата од изградба на кружни крстосници на транзитниот булевар „Македонија“ кој поминува низ фреквентен дел од градот, е голема и претставува единствено решение за намалување на ризиците во сообраќајотСо поддршка на донаторите, а почитувајќи ги сите стратешки документи на Општина Делчево, како и мерките предвидени во Акцискиот план на Стратегијата за безбедност на патишта, ќе изработиме техничка документација за изградба на три кружни текови на булеварот и тоа на три критични крстосници, каде често се случуваат и сообраќајни незгоди, нагласи Трајковски.

Првата кружна крстосница ќе се проектира на крстосницата помеѓу ул. „Индустриска“, ул.„Македонска“ и булевар „Македонија“ лоцирана помеѓу индустриска и станбена зона; втората крстосница е помеѓу ул.„Методи Митевски Брицо“ и булевар „Македонија“ на која се регулира сообраќајот со семафори и хоризонтална и вертикална сигнализација; третата крстосница е помеѓу ул. „Скопска“, ул.„Методи Митевски Брицо“ и Булевар „Македонија“ и се наоѓа во станбена зона во која е лоциран и Здравствениот дом Делчево.  

Вкупната вредност на проектот е 1.995.480 ден, а Општина Делчево има сопствено учество во вкупната сума од 20%.

Shares