Нов асфалт на ул „Острец“

  • Новости

Се поставува асфалт на ул „Острец“ со што завршува реконструкцијата на оваа улица која е клучна сообраќајница во населбата Трети Реон. Реконструкцијата се одвиваше по целата должина на улицата од 600 м., а опфати гребење на стариот асфалт  и поставување нов асфалт со што жителите од населбата добиваат современа сообраќајница со подобрена безбедност на учесниците во сообраќајот, но и соодветен пристап на противпожарни и амбулантски возила со што се одговара на приоритетите на жителите од населбата, но и на сите граѓани. Вкупната вредност со ДДВ на овој проект е 3.169.333 ден. Од нив, МТВ преку Стратегијата и Декадата на Ромите инвестира 931.973 ден, а Општина Делчево 2.237.360 ден.

Градоначалникот Горан Трајковски направи увид во завршните работи на улицата при што истакна дека реконструкцијата на оваа улица е уште еден доказ за сериозниот пристап во решавањето на проблемите со инфраструктурата во градот и максималните заложби да се подобри квалитетот на животот на граѓаните на Делчево.

Реконструкцијата на улицата е финална фаза од градежните работи кои се изведуваа  во оваа населба. Претходно на ул „Острец“се реконструираше и критичната кривина на улицата која денес е со проширен коловоз, тротоари, потпорен ѕид, изградена е атмосферска канализација, а овој дел од улицата има и соодветно сообраќајно обележување. Исто така, претходно на овој реон од Делчево беше извршена и реконструкција на водоводната мрежа и замена на старата мрежа со пвц-инсталации во должина од 400 м.

Shares