Новиот лик на култното место за културата во Делчево, салата во Спомен-дом АСНОМ, резултат од реализацијата на проектот поддржан преку Програмата за користење капитални дотации до единиците на локалната самоуправа на Министерството за култура, денеска беше презентиран пред министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска која беше во работна посета на Делчево.
Министерката за култура Костадиновска-Стојчевска и градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски, направија увид пред отворење на реконструираната сала, а проектот е со вкупна вредност од 10.6 милиони денари од кои Министерството за култура инвестира 9.6 милиони денари, а останатите средства ги Обезбеди Општина Делчево.
Градоначалникот Трајковски изразувајќи благодарност до минситерката Костадиновска-Стојчевска и Министерството за култура за поддршката на Делчево истакна дека за Делчево реализацијата на проектот е по многу нешта значаен, бидејќи салата не беше реконструирана уште од нејзиното отворање во 80-тите години на минатиот век и се соочувавме со сериозни проблеми при организирањето на секој настан, а поради лошата состојба во која се наоѓаше салата, многу настани веќе не ги ни одржувавме во оваа сала.
-Денес веќе имаме друга слика- преку проектот: инсталирана е акустична и топлинска изолација, реконструирана е сцената, ново осветлување, озвучување и затопливање, изградени се помошни простории до сцената, наменети за гардероби и опрема и реквизити, изградена е рампа за лица со попреченост и, за прв пат, обезбедуваме пристап на овие лица на културните настани во оваа сала; изградени се санитарни чворови, извршена е рехабилитација на постоечкиот под на фоајето, реконструкција на постоечкиот плафон, замена на внатрешните врати и прозорци. Во втората фаза, што е обврска на општината, ќе набавиме топлотни пумпи за греење и нови столици, истакна Трајковски.
Министерката Костадиновска-Стојчевска истакна дека со инвестициите во културните објекти се обезбедуваат услови за негување на традицијата, но и за привлекување на младите да ја продолжат традицијата и негувањето на културните обележја на Пијанечкиот крај.
-Делчево добива место со сите современи услови кои ги бараат современите културни текови. Реализацијата на проектот е само уште една потврда за приоритетите на Владата и на Министерството за култура за грижата за културата и за поттикнување на локалниот културен развој. Така ќе продолжиме и следната година и ги повикувам и останатите локални самоуправи да аплицираат со проекти, по примерот на општина Делчево, нагласи Костадиновска Стојчевска.
Министерката и градоначалникот остварија средба и со претставниците од институциите и здруженијата од областа на културата во Делчево кои добиваат финансиска поддршка од Минситерството и од Општина Делчево, а го проследија и дефилето на ЗГФ„Копачка“, организирано по повод јубилејот 75 години од формирањето на фолклорното друштво.