ЗФГ„Копачка“ одбележа 75 години од постоењето

  • Новости

ЗФГ „Копачка“ одбележа значајни јубилеи, 75 години од основањето на ЗФГ КОПАЧКА с. Драмче, Делчево, 20 години од донесувањето на Конвенцијата за заштита, афирмација и промоција на светското нематеријално културно наследство на УНЕСКО, како и девет години од впишувањето на орото „Копачката“ во УНЕСКО. По тој повод се одржа концерт на кој беше презентирано изворното богатство од Пијанец што го чува и промовира оваа фолклорна група.

Концертот го отвори, градоначалникот Трајковски кој во своето обраќање честитајќи го големиот јубилеј, порача младите да учат од овој пример- да учат како се сака родниот крај и достојно да го продолжат патот на „Копачката“ кој е  фолклорен бренд на Делчево.

-Приказната на „Копачката“ е единствена по многу нешта, но во овие 75 години, заеднички именител е ентузијазмот, љубовта кон фолклорот, несебичноста. Вљубениците во орото, успеаја од соборите и свадбите во живописното Драмче, да ги промовираат играорните чекори надвор од Пијанец и Македонија, на фолклорните фестивали во земјите од бивша Југославија и Европа, а денес и во светот- и да ја освојат светската фолклористика запишувајќи се на листата на заштитено нематеријално културно наследство на УНЕСКО, истакна Трајковски.

Тој порача дека играорците и нивните раководители, но и Општина Делчево, како и Министерството за култура, сите заедно делувајќи секој од свој аспект, се стремат кон повисоки вредности, кога е „Копачката“ во прашање.

За претседателката на ,,Копачка”, Перса Стојановска, целта е орото да остане живо.

–          Ова е еден од најважните критериуми, ако не и најважен за впишувањето и одржливоста на Копачката во УНЕСКО. Ја користам можноста јавно да се заблагодарам на министерката Бисера Костадиновска Стојчевска и на Министерството за култура за редовното вклучување во националните програми со што во континуитет во последните 15 години имаме развиено над 60 проекти, и на Општина Делчево и градоначалникот Трајковски за перманентната поддршка на „Копачката“, додаде Стојановска.

Претходно, Фолклорната група „Копачка“ чекорите на најпознатото оро ги презентираше пред министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска во центарот на Делчево. Честитајќи им го  јубилејот, Костадиновска- Стојчевска рече дека „Копачката” е чувар на нашето нематеријално културно богатство.

-Копачка е прогласено за културно наследство од особено, исклучително значење во Северна Македонија. Поддржувајќи ја Фолклорната група „Копачка“ во бројните настапи дома и во светот, комплетирањето и одржувањето на носиите, поддршка на документарни записи, спомен-собите на дедо Митко и на Димитар Узунски, наречен пијанечки Цепенков, ние, всушност, вложуваме во одржувањето на нашиот културен идентитет, рече Костадиновска -Стојчевска.

ЗФГ „Копачка“ по повод јубилејот додели благодарници на градоначалникот Трајковски и министерската Костадиновска-Стојчевска и на сите пријатели и поддржувачи на „Копачката“.

Shares