Донесен Буџетот за 2024 на Општина Делчево

  • Новости

Советот на Општина Делчево на 30-та Седница го донесе Буџетот на Општина Делчево за 2024 година, планиран во износ од 364.592.517 денари или 5.928.334 евра.

Капиталните расходи во вкупниот буџет се планирани во износ од  55.355.583,00 ден. или 15,2%додека тековно оперативните расходи се планирани во износ од 309.236.934,00 денари – 84,8%Основниот буџет е планиран на износ од 117.839.697 ден. од кои капиталните расходи  се планирани во износ од 48.485.583 денари, или 41,1%, додека тековно-оперативните расходи се планираат во висина од 69.354.114 денари, или 58,9%.

Планираните капитални расходи во Основниот буџет во најголем дел се однесуваат за изградба и реконструкција на улици и патишта и тоа, како во урбаниот, така и во руралниот дел на општината, за кофинансирање за изградба на капитални проекти, за изградба и реконструкција на водоводи, за изготвување нови проекти. Како што истакна раководителката на Одделението за буџетска контрола, сметководство и администрирање на даноци, Ана Ситновска-Димитровска, Буџетот за 2024 година е развоен, затоа што најголем дел од проектираните средства се расходи наменети за капитални проекти.

Kлучни капитални проекти на кои ќе се посвети големо внимание е изградбата на нова детска градинка со капацитет од 130 деца, проект со проектирана вредност од 60. 000 000 ден., потоа за изградба и реконструкција на улици и патишта ќе се инвестираат 25.193.000 денари, се издвојуваат над 6 милиони денари за втората фаза од реконструкцијата на салата АСНОМ и набавка на опрема за салата.

Освен капиталните ставки планирани се средства и за социјални трансфери: еднократна парична помош-650.000 денари; помош за новороденчиња-200.000 денари; исплата на првачиња-310.000 денари; стипендии за студенти за подршка на млади таленти во износ од 450.000 денари; трансфери до здруженија на граѓани и фондации-400.000 денари, трансфери до спортски клубови-800.000 денари, наградно патување за најдобрите 10 матуранти-300.000 денари.

На Седницата беа донесени: одлуките за доделување општински стипендии за средношколци во две категории, како и одлуките за доделување општински стипендии на студенти во две категории; Одлука за ослободување од партиципација на деца Роми на возраст од 3 до 6 години во ОЈУДГ „Весели цветови“; Програмата за одржување јавна чистота; Извештај за 2023 и Програма за работа за 2024 г на ЈЛБ „Илинден“; Одлука за формирање Комисија за унапредување на правата на пациентите во Општина Делчево; Програма за уредување градежно земјиште на подрачјето на Општината за 2024 г. Програма за изградба , реконструкција, одржување на општински патишта и улици, Програма за изработка на урбанистички планови, Програма за работа на Советот на Општина Делчево за 2024 г.

Исто така, на последната Седница на Советот за 2023 г. беше донесена и Одлуката со која се дава согласност на Статутот на Заедничко јавно претпријатие за регионално управување со отпад ЕКО ИСТОК – СЕВЕРОИСТОК  Свети Николе.

Shares