На Голак одбележана 80-годишнината од Февруарскиот поход

  • Новости

Во организација на Општина Делчево, денеска на планината Голак се одбележа 80-годишнината од Февруарскиот поход. По тој повод беше организирана пригодна свеченост пред спомен-плочата која го чува споменот за походот на  Народноослободителната војска на Македонија која во февруари 1944 година извршила оперативни дејства на територијата на Источна, Централна и Западна Македонија, а дел од маршрутата на Третата борбена единица била и планината Голак заедно со Беласица, Плачковица и Осогово.

По повод годишнината од Февруарскиот походчленови на КУД „Гоце Делчев“ преку рецитал потсетија на историските факти кои го одбележаа овој стратешки поход изведен во 1944г., по што пред спомен-обележјето се поклонија и свежо цвеќе положија: делегација од Општина Делчево, предводена од градоначалникот Горан Трајковски, делегација од Советот на Општина Делчево, претставници на политички партии, на здруженија на граѓани.

Организатор на настанот е Општина Делчево, а покровител е градоначалникот, Горан Трајковски.

– Во годината кога се одбележува значаен јубилеј 80 години слободно Делчево, денеска со достојна почит се сеќаваме и го одбележуваме настанот кој имал клучно значење за остварување на крајната цел на НОВ-ослободување на Македонија, АСНОМ, а со тоа ослободување на нашето Делчево. Успешното изведување на Февруарскиот поход пред точно 80-години имало извонредно историско и воено значење за македонската антифашистичка борба. Февруарскиот поход, кој траел еден месец, со поминати околу 400 километри во должина, во најнеповолни временски услови, покажал дека антифашистичката борба има масовен општонароден карактер во Македонија. Ова нѐ обврзува да се потсетиме на еден бурен период и да оддадеме почит на жртвите дадени за живот во слободна и самостојна македонска држава. Наследството од НОВ го трасира нашиот пат за иднината, да се вложиме сите кон европско издигнување на нашата држава имплементирајќи ги европските вредности, рече градоначалникот Трајковски.

Традиционалниот планинарски марш ќе се организира в недела на 25 февруари во партнерство со ПСК „Голак“ од Делчево.

 

Shares