Околу 50 од вкупно планираните 90 садници од јапонското дрво гинко-билоба, викендов беа засадени во паркот којшто се подготвува во близина на градскиот стадион во Делчево. Паркот е донација на сестрите Лиле и Сузана Давиткови со цел да се сочува споменот на нивниот покоен татко, Асен Давиктков, познат шумарски инженер и долгогодишен директор на ЈП Шумско стопанство „Голак“- Делчево, а по повод неговиот 90-ти роденден.
Како што истакнаа неговите ќерки Лилјана и Сузана целта е да се продолжи неговото дело и мисијата за зачувување и љубовта кон шумите.
-Се одлучивме за гинко- билоба, затоа што е одличен прочистувач на воздухот и од тие причини е дел од градското зеленило на многу градови, а особено во светските метрополи, но и заради симболот за долговечност. Сепак, главната причина е затоа што тоа било првото дрво кое во Делчево го има донесено нашиот татко кој својот работен век го помина во претпријатието Шумско стопанство „Голак“, рече Лилјана Давиткова-Живковиќ.
Асен Давитков има дадено огромен придонес за развојот на планината Голак, учествувајќи во изградбата на секоја патека, чешма кои во тоа време се направени под негово раководство и организација, а учествувал или бил дел од изградбата на скоро сите објекти и спортски терени на планината. Пошумувањето било негова мисија, но и пасија.
Поддршка за реализација на проектот за гинко-парк во Делчево даде Општина Делчево и ЈКП „Брегалница“ Делчево кои го подготвија просторот, каде што никнува овој уникатен парк во Делчево.