Кампања „Патуваме безбедно“

  • Новости
Самоиницијативни бесплатни технички прегледи пред патување, промоција за користење на единствениот број за итни случаи 112, едукации за одговорно учество во сообраќајот и обезбедување на информативен пункт за безбедност во сообраќајот на Граничниот премин „Делчево“ се само дел од активностите предвидени за реализација во новата кампања на Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата Делчево – ПАТУВАМЕ БЕЗБЕДНО.
Летниот период е период кога има зголемување на патувањата за време на летните одмори, а кампањата има за цел да ги потсети учесниците во сообраќајот за одговорното учество во сообраќајот при патувањата (важноста на техничката исправност на возилата, употребата на сигурносни појаси во возилата, опасноста од употребата на мобилените телефони додека се управува со возилото, предности за користење на јавниот број 112 итн.), но и да се едуцираат одредени групи учесници во сообраќајот што би придонело кон подигнување на јавната свест за безбедно учество во сообраќајот (населението за важноста на прописното паркирање и проодноста на пристапни патеки и улици, возачите на транзитните ТТВ, деца и млади за безбедна употреба на ел.тротинети и мопеди и едукација на лица постари од 65 години за безбедно учество во сообраќајот).
 
Организатор и координатор на кампањата се Општина Делчево и Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата Делчево, а соработници се: сообраќајната полиција, граничната полиција, инспекторот за превенција при Полициската станица од општа надлежност Делчево, Регионалниот центар за управување со кризи Делчево, ЈКП Брегалница Делчево, станиците за вршење на технички преглед на возила „Автовозач-фер“ Делчево и „Ликеј Делвин“ Делчево, како и други заинтересирани лица.
 
Можноста за бесплатна проверка на своето возило, граѓаните можат да ја искоритат во двете станици за вршење на технички преглед на возила „Автовозач-фер“ Делчево и „Ликеј Делвин“ Делчево, за времетраење на кампањата ПАТУВАМЕ БЕЗБЕДНО односно до 31 август оваа година.
 
ОСБСП Делчево апелира за одговорно учество во сообраќајот за време на летниот период преку почитување на правилата и прописите од страна на сите учесници, а за подолги патувања возачите да ја проверат техничката исправност на своите возила и да возат одморени, и при тоа на секои 2 часа да прават паузи од околу 15 минути.
Shares