41 Седница на Советот: донесен Ребалансот на Буџетот за 2024 година

На 41 Седница на Советот на Општина Делчево беше донесена Одлуката за измени и дополнувања на Буџетот на Општина Делчево за 2024 година со која е извршено зголемување на вкупниот Буџет за износ од 34.525.565 денари, односно зголемување од 8,5 % со што новиот Буџет на Општината за 2024 година ќе изнесува 406.071.523 денари. Вкупните приходи во Основниот буџет се зголемени за износ од 22.199.083 денари. Зголемувањето произлегува од пренесено салдо на буџетска сметка од 31.12.2023 година во износ од 791.150 денари, понатаму разлика во дотацијата од ДДВ во износ од 8.767.327 денари, понатаму зголемување за 11.840.606 денари на конто 741112 трансфери од други нивоа на власт преку склучени договори со Бирото за регионален развој за набавка на метачка (2.400.000 денари), Договор со Министерство за култура по Одлука за распределба на  капитални дотации за проект Реконструкција на фасада и замена на надворешна столарија на Спомен дом АСНОМ (2.450.000 ден.); Договор со Министерство за животна средина и просторно планирање за реализација на проект Водоснабдување на населба Пролет во износ од 6.000.000 денари; понатаму доделени средства од 990.606 денари доделени од страна на Министерство за транспорт од Потпрограмата 11-Поддршка на имплементацијата на Декадата и стратегијата на Ромите за проект Реконструкција на улица Илинденска до спој со улица Солунска и дополнителни 800.000 денари се ставени на конто 741211-капитални трансфери, по барање на Министерството за финансии заради потребата од измена на Годишниот план за јавни набавки и распишувањето на тендерите за новите проекти доделени со Одлука на Владата, а се однесуваат на :

– Регулација на дел од река Габровчица;

– Реконструкција на улици во населба Ново Делчево;

-Реконструкција на улица Гоце Делчев“;

-Реконструкција на ул. „Вељко Влаховиќ.

Советниците го усвоија и Кварталниот извештај за извршување на Буџетот на Општината за третиот квартал за 2024г. Според Извештајот, вкупните реализирани приходи на Општината за третиот квартал (јануари-септември 2024) изнесуваат 251.410.601 ден. или  68 % од вкупно планираните приходи во Буџетот на Општината.  Износот на вкупно реализираните приходи во третиот квартал од 2024 година, споредено со износот на реализираните вкупни приходи во третиот квартал од претходната година покажува зголемување од  13.578.166 денари во апсолутен износ, додека процентот на реализација е помал за 7 процентни поени (пп) во споредба со третиот квартал од претходната година.

Процентот на реализација на вкупните тековно оперативните приходи е 68,4%, додека на капиталните приходи е 23%. 

На 41 Седница се донесе О Д Л У К А за одобрување на Планот на програми за развој на Општина Делчево за 2025 година. Планот се состои од следниве програми и развојни потпрограми:

1.      Програма ВА, Потпрограма ВА0 – Изградба на нова детска градинка во Општина Делчево;

2.      Програма РА, Потпрограма РА0- Регулација на дел од река Габровчица;

3.      Програма ЈД, Потпрограма ЈДА  – Реконструкција на улици во населба Ново Делчево;

4.      Програма ЈД, Потпрограма ЈДБ – Реконструкција на ул. Гоце Делчев;

5.      Програма ЈД, Потпрограма ЈДЦ- Реконструкција на ул. Вељко Влаховиќ.

 

Составен дел на оваа Одлука е планот на програмите за развој на Општина Делчево за 2025 година. Планот на програмите за развој е составен дел на Предлогот на Буџетот на Општина Делчево за 2025 година.

Советот на Општина Делчево не ја донесе Одлуката за утврдување на Урбанистички план за измена и дополнување на Детален урбанистички план  за урбана единица 2, дел од блок 2.1 Кожара (КП 6017/0) Општина Делчево, Плански период 2023-2028 – Нацрт план.

Советниците донесоа и повеќе одлуки за урбанистичко планска документација за бесправно изграден објект надвор од плански опфат.

Shares