Во рамките на активностите предвидени за кампањата „Денови на хуманост-дарувај со љубов“, а по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост, во Дневниот центар за лица со посебни потреби во Делчево, се учеше како тие да бидат безбедни учесници во сообраќајот додека се движат по улиците.
Работилницата за унапредување на безбедноста на пешаците со посебен акцент на лицата со попреченост е во рамките и на актуелната кампања „Се движиме безбедно“ на Општина Делчево и Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата Делчево во соработка со ОВР Делчево.
Преку работилницата корисниците на Дневниот центар и Клубот за социјална инклузија Интегра преку едукативно предавање беа запознаени со сообраќајната инфраструктура, правилата и прописите во сообраќајот кои во главно се однесуваат на пешаците, сообраќајната регулација, опасни ситуации, употреба и користење на јавниот број 112 во итни ситуации, итн. Во делот на работилницата за регулирањето на сообраќајот, работеа со шеми за изработка на сообраќајни знаци кои што се однесуваат на пешаците при тоа користејќи ги сообраќајните знаци во нивната пропишана боја. За крај на работилницата сите заедно имаа практична вежба со полициски службеник на улицата „Методи Митевски Брицо“ за безбедно учество во сообраќајот.
„Денови на хуманост-дарувај со љубов“ се спроведува 7-ма година по ред под покровителство на Општина Делчево и во партнерство со локалните институции: основните и средното училиште, детската градинка, НУЦК „Н.Ј.Вапцаров“, ЈЛБ „Илинден“, Дневниот центар за лица со посебни потреби од Делчево, НВО „Бравура кооператива“ и Клубот ИНТЕГРА. Целта на активностите е будење на филантропијата и општествената одговорност и подигање на свеста за лицата со попреченост и нивна инклузија во општеството.