Новоформираната Месна заедница во с. Вирче самоиницијативно и во координација со Општина Делчево спроведоа акција за чистење на локалниот пат кој води до селото, а е во должина од 3 км. Во акцијата беа употребени алати и механизација во сопственост на жителите од селото, а со акцијата беше опфатено чистење на локалниот пат од земјени наноси, трева, отпад од дрвна маса, дивоникнати дрва или други видови отпад. Паралелно по должината на целиот локален пат е поставен песок со што се прошири патот со банкините и сега изнесува околу 7 м.
Со оваа активност, како што информира претседателот на МЗ од с. Вирче, Тоше Илиевски, ќе се зголеми безбедноста во сообраќајот на оваа делница, но и се дава добар пример за општествена одговорност на секој поединец.
– Оваа акција ќе биде една од многуте кои ги планираме во селото, бидејќи не може и не треба секогаш да чекаме од Општината, најважно е што ја имаме поддршката од градоначалникот Горан Трајковски и од Општина Делчево за овие наши акции. И оваа активност нека послужи за пример за сите останати месни и урбани заедници, рече Илиевски.
Претставници на Месната заедница од с. Вирче денеска беа примени од градоначалникот на Општина Делчево кој даде поддршка на активностите на МЗ и најави зголемување на бројот на улично осветлување, прочистување на земјените патишта во атарот на селото и изградба на улици во селото за што во моментов се подготвува проектна документација.