Откажани културните настани по повод Св. Кирил и Методиј

Поради актуелната состојба, сите планирани културни настани по повод празникот посветен на сесловенските просветители солунските браќа Кирил и Методиј, кои се светители заштитници на градот, се откажани.

По тој повод, градоначалникот Горан Трајковски истакна дека откажувањето на планираните настани согласно со Програмата за култура за 2020 година, е обврска на Општина Делчево и придонес кон зачувување на колективното здравје, но, Делчево секогаш го слави 24 Мај со посебен пиетет.

-Испраќам честитка до сите граѓани на Делчево по повод претстојниот празник на градот, кога се слават светителите заштитници на Делчево. Во ова време на здравствена криза, здравјето на сите граѓани е приоритет, а како општина имаме обврска и секогаш го ставаме здравјето на сите, пред сè друго. Планираните настани ќе ги одржиме наредниот период со подобрување на состојбата, истакна Трајковски.

Тој потенцираше дека Делчево со почит се поклонува на светителите Кирил и Методиј гордо славејќи ги како заштитници на градот носејќи од дамнина почит кон светителите.

-Во оваа прилика, сакам да потсетам дека на предлог на Неговото преосвештенство, митрополитот Брегалнички, Иларион, Делчево ги добива словенските браќа светите Кирил и Методиј за свои светители. Тој воден од идејата за поврзаноста на Делчево како град низ кој тече Брегалница и со Брегалничката мисија, со описите на амбиентот во Панонските легенди и со фактот дека во Источниот регион, каде се врзува делото на Кирил и Методиј, Делчево немаше свои светители заштитници, го даде предлогот овој светол ден, Денот на светите браќа, Кирил и Методиј да бидат патрон на градот со тоа овекувајќи нѐ и вечно нераскинливо врзувајќи нѐ за името на сесловенските просветители. Со тоа Делчево доби светители  заштитници кои, верувам, ја даваат душата на сето она што го работиме. Позитивната енергија и добрата мисла да ги следат жителите на овој град и повторно и несомнено длабоко да се вткајува исконското, истакна Трајковски.

Инаку, во Делчево првата црква посветена на солунските браќа, била срушена во 1961 година, а денес интензивно се гради кровната конструкција на новиот соборен храм посветен на светителите на градот кој со својата габаритност и архитектонско решение, ќе биде црква единствена во регионот. Средствата за изградба на фасадата на црквата која заврши минатата година, како и кровот на црквата, се донација од пријателот на Делчево, д-р Милен Врабевски и Фондацијата „Бугарско сеќавање“, а дел се средства собрани од донатори од Делчево. 

Инаку, колку е извонредно важна и суштинска мисијата на светите браќа говори фактот што денес тие се патрони на Европа – признание дадено од Ватикан со цел да се потенцира нивното значење за единството на европските народи.

Shares