Градоначалникот Трајковски ја потпиша Декларацијата за отвореност, отчетност и транспарентност на Локалната самоуправа, со што Општина Делчево дава поддршка на иницијативата за поголема отвореност и транспарентност на единиците на локалната самоуправа во Република Северна Македонија. Иницијативата е подготвена од Фондација „Метаморфозис“ во рамки на Проектот за граѓанско учество со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) и е во корелација со досегашната политика на Општината за подобрување на транспарентноста и отчетноста, како алатка за борба против корупцијата и градење доверба кај граѓаните.
Со потпишувањето на Декларацијата, Општина Делчево се обврзува да ги следи и почитува начелата и принципите изнесени детално во Декларацијата за отвореност, отчетност и транспарентност на локалната самоуправа во Северна Македонија. Дополнително, континуирано ќе се работи на подобрување на своите политики на транспарентност и вклученост на граѓаните во процесите на донесување одлуки. Отвореноста претставува клучен услов за демократија, која им дозволува на граѓаните да добиваат информации и знаење, неопходни за еднакво учество во политичкиот живот, ефективно донесување одлуки и барање одговорност од институциите за политиките што се спроведуваат.