Единаесет дворови во Делчево учествуваат во овогодинешниот избор за најубаво уреден двор. Пријавувањето по Jавниот конкурс заврши на 1 јули, а од денеска Комисијата составена од стручни лица ќе ги посети дворовите и ќе избере најубаво уреден двор во Делчево. И оваа година најубавиот двор ќе се избира во две категории, индивидуално домување и колективно домување или правни лица.
Целта на оваа акција е сите заедно да придонесеме за поубаво Делчево, но и Општината да ги награди граѓаните и фирмите за улогата во разубавувањето на градот, а од друга страна и да се мотивираат граѓаните на Делчево да дадат свој придонес за разубавување на градот и за што повеќе зелени површини и хортикултурни креации.
За сопствениците за најдобро уредени дворови, Општина Делчево има обезбедено парични награди во износ од 10.000 денари и за двете категории, за индивидуално домување и колективно домување или правни лица, како и втора и трета награда во износ од 3.000 и 2.000 денари.
Изборот на најубаво уреден двор во Делчево се реализира петта година по ред, а се спроведува во рамките на кампањата „Заедно до поубаво Делчево“. Доделувањето на наградите традиционално е во рамките на Свечената седница на Советот на Општина Делчево по повод Денот на Општината, 7 Септември.