Потпишан Колективниот договор за вработените во Општина Делчево

Градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски, претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски и претседателката на Општинската синдикална организација на Општина Делчево, Ивана Ивановска денеска го потпишаа Колективниот договор за вработените во Општина Делчево. Со овој чин на потпишување на документот, вработените во Општина Делчево за прв пат добиваат Колективен договор на ниво на работодавец, односно, потпишан од градоначалник на Општината и Синдикалната организација на Општина Делчево.

Со овој Колективен договор се унапредуваат правата, обврските, одговорностите и другите прашања во врска со работниот однос на вработените при Општина Делчево. Исто така, се прецизира усогласување на платите со порастот на минималната плата, редовна исплата на регресот за годишен одмор, исплата на јубилејни награди, како и други права од работен однос на вработените во Општина Делчево.

За градоначалникот Трајковски потпишувањето на овој документ ги унапредува правата на вработените, уредува поголеми и поповолни права од правата предвидени со одредени закони.

–       Секогаш застанувам на страната на работниците и нема да се согласам со кршење на нивните права утврдени со закон, напротив, следејќи ги насоките од Владата и законските регулативи, работам  во насока, работникот да биде почитуван и мотивиран. Ова е прв ваков документ потпишан на ниво на Општината, затоа и значењето на имплементацијата во насока на унапредување на правата е огромно- потенцираше Трајковски.

Колективниот договор ќе започне со примена од 1  јануари 2023 година.

Shares