Одржана 19 Седница на Советот на Општина Делчево- Буџетот за 2022 реализиран со 90%

Извршувањето на приходите во  Буџетот на Општина Делчево за четвртиот  квартал, односно за цела 2022 година, изнесува 90,98%, што значи дека од вкупно планираните приходи во износ од305.909.623 ден. за четвртиот квартал се реализирани  278.329.343 денари.

Во Кварталниот извештај за извршувањето на Буџетот на Општина Делчево за извештајниот период од 01.01.2022 до 31.12.2022 кој беше усвоен на 19 Седница на Советот на Општина Делчево, е нотирано дека во Основниот буџет, од планирани 100.563.000 се реализирани 85.734.445 ден. или 85,25%; во Буџетот на дотации од планирани приходи се 182.945.807 денари се  реализирани 175.351.023  или 95,72%; во Буџетот на донации од планирани 7.402.578 денари се реализирани 5.367.138  денари или 72,50%. и во Буџетот на самофинансирачки активности од планирани 10.448.238 ден. се реализирани 7.359.379 денари или  70,44%. Даночните приходи се наплатени во износ од 34.820.565  ден. од вкупно планирани 42.488.000 ден. или 81,95%, наплатата од даноци на имот е во износ од 16.941.907, од даноци од специфични услуги во износ од  14.826.2825 ден. Неданочните приходи се планирани во износ 2.200.000 ден. и тоа се приходи од административни такси и надоместоци, а се реализирани во износ од  2.144.760 денари (97,49%). Капиталните приходи се наплатени во износ од 5.337.136 ден. од вкупно планирани 6.877.000 ден.или 77.61 %, а тоа се приходите од надомест за утврдување на правен статус на бесправно изграден објект-легализација и продажба на земјиште, закуп на земјоделско земјиште,експлоатација на минерални суровини.

Вкупните расходи во целиот Буџет се планирани во износ од 305.909.623 денари. Од нив се реализирани 277.832.988 или 90,82%. Во Основниот буџет од вкупно планирани расходи  100.563.000 ден. реализирани се 85.592.060 ден.или 85,11%.

На 19 Седница на Советот на Општина Делчево, советниците ја усвоија Програмата за социјална заштита за 2023 г. Целта на Програмата е развој на интегриран, транспарентен и одржлив систем на социјална заштита кој ќе обезбеди достапни, ефикасни и квалитетни мерки и услуги креирани според потребите на граѓаните вклучително на потребите и на жените и на мажите во Општина Делчево. Специфичните цели на Програмата се однесуваат на: Остварување социјална заштита на лица/семејства во социјален ризик, маргинализирани групи, лица/семејства погодени од несреќи и други елементарни непогоди и лица со посебни потреби; Развој на социјални мерки за невработените лица кои тешко се снаоѓаат на пазарот на трудот; Обезбедување помош и грижа за децата, учениците и студентите; Обезбедување мерки и услуги за старите лица; Промовирање нови социјални услуги.

Советниците ја донесоа и Програмата за решавање на проблемот со кучињата -скитници на територијата на Општина Делчево, чија цел е утврдување на активностите за отстранување на кучињата-скитници, организацијата и обемот на извршување на активностите, како и посебните финансиски средства. Под поимот кучиња-скитници, во смисла на оваа Програма се подразбира кучиња кои не се регистрирани, обележани и не се чуваат согласно Законот за заштита и благосостојба на животните или немаат сопственик и слободно и неконтролирано се движат по урбаните делови на Општина Делчево (градот и селските населби).

На Седницата беше усвоена и Програмата за родова рамноправност на мажите и жените на Општина Делчево и работа на Комисијата за еднакви можности за 2023 година според која се определени 5 приоритетни области на делување: Човекови права и родова еднаквост во рамки на под-областите: политика, родово базирано насилство и економија; Партиципација во креирање и имплементација на локални и јавни политики; Едукација и јакнење на капацитетите за родовата еднаквост и родова сензибилизација на КЕМ, локалните институции, граѓанското општество и целокупното население; Вклучување на родовата перспектива во јавните политики кои се носат на локално ниво за ублажување на ефектите од климатските промени и енергетската криза; Подигање на свеста кај жените и мажите за контролирање на здравјето.

Советниците ја донесоа и Одлуката за отпочнување активности за редовно ажурирање на Процената на загрозеност на подрачјето на Општина Делчево од сите ризици и опасности. Овој документ го помага процесот на планирање и организација на системот за управување со кризи, донесувањето одлуки на надлежните институции, да ја поддржува комуникацијата, координацијата, соработката помеѓу институциите на локално ниво и употребата на ресурсите заради превенција, рано предупредување и справување со сите ризици и опасности кои можат да го загрозат животот и здравјето на луѓето, материјалните и природните богатства, како и општата безбедност на општината.

Советниците дадоа и позитивно мислење за изведување екскурзии на учениците во ООУ „Ванчо Прке“ и ООУ „Св.Климент Охридски“, како и повеќе документи од областа на урбаниситчкото планирање, донесоа и Одлука за давање на времено користење движна ствар-моторно возило на Јавното комунално претпријатие „Брегалница“-Делчево.

 

Shares