Одбележан Денот на крводарителите и Денот на Црвениот крст на РСМ

По повод Денот на крводарителите и Денот на Црвениот крст на Република Северна Македонија, во Делчево се одржа пригодна свеченост во рамките на која беа доделени награди и признанија на крводарителите од Делчево кои дарувале крв по 50, 25 и 10 пати.

Настанот беше во организација на Општина Делчево и на ОО на Црвен крст на РСМ, а  целта е да се одбележи денот кој го означува постоењето, дејствувањето, а воедно и успехот на сите волонтери, вработени, поддржувачи и безброј активисти кои овозможија оваа организација да опстојува толку време низ годините, но и да се оддаде признание на крводарителите од Делчево за нивната хуманост и спасените човечки животи.

Градоначалникот Трајковски кој ги поздрави присутните истакна дека крводарителите се нашите херои-со име и презиме и во чија мисија е спасувањето животи.

– За нивната хуманост, како градоначалник, изразувам благодарност до сите крводарители, посебно до Ангел Михаилов, Митко Миленковски, Игорчо Димитровски, Орце Димитровски, Кирчо Миленковски за 50 пати дарувана крв, но и за сите крводарители кои дарувале крв и по 25 пати и 10-пати. Во оваа прилика посебно ќе ги споменам женските крводарители кои иако претставуваат 10% од вкупниот број крводарители, сепак, воведуваат нова традиција на крводарување во Делчево и покажуваат дека донирање крв не е само „машка работа“: Ивана Смилевска, Сара Ѓеоргиевска, Билјана Ѓеоргиевска, Гордана Спасевска, Тања Цековска, Ирена Шехтанска, Емилија Атанасовска кои 10-пати дарувале крв, нагласи Трајковски.

Претседателката на ОО на Црвениот крст-Делчево, д-р Билјана Ѓеоргиевска посочи дека во последните години значително е зголемен бројот на крводарители во нашиот град, а доброволното дарување крв претставува израз на високи етички и морални вредности и спасува животи.

– -Јавно се заблагодарувам на нашите крводарители кои се имаат посебно место во нашата организација и на кои сме исклучително горди, бидејќи во континуитет бележиме одличен резултат на полето на крводарителството, рече д-р Ѓеоргиевска.

Д-р Виолета Ѓорѓевска од Институтот за трансфузиона медицина го потенцираше значењето на доброволно дарување крв.

–          Минатата година во Делчево се собрани 1200 крвни единици што е значајна и  импозантна бројка. Искрено им се заблагодарувам на крводарителите, бидејќи тие се единствениот извор на крвта како лек за многу болести и за многу животозагрозувачки состојби, бидејќи сè уште нема вештачка крв, потенцираше д-р Ѓорѓевска.

ОО на Црвениот крст додели на Општина Делчево Благодарница за изграденото партнерство и за перманентната поддршка и придонес во реализацијата на активностите на Црвениот крст на РСМ.

Shares