Повик до матичните лекари во општина Делчево
Проектот „Иновативен систем за нега на постари лица – Далечински мониторинг на пациентите и дијагностика во Општина Делчево“
Општина Делчево во соработка со НАЛАС, отпочнува со реализација на Паметен дигитален градски пилот проект „Иновативен систем за нега на постари лица – Далечински мониторинг на пациентите и дијагностика во Општина Делчево“. Предложениот проект има за цел иновативност на услугите за грижа на постари лица со воведување на паметно, дигитално решение. Системот ќе го олесни далечинскиот мониторинг на пациентите и дијагностиката, особено насочен на постарите граѓани во оддалечените области на општината.
Проектот ќе биде од корист за најмалку 50 до најмногу 200 постари граѓани преку обезбедување опрема за следење на здраствени параметри од дома (ЕКГ, респирации, крвен притисок, сатурација, температура и пулс) и овозможува самонабљудување и поддршка на дијагностиката без потреба од физички посети на здравствените установи.
Во рамките на проектот ќе бидат набавени соодветни уреди за далечински мониторинг за непосредна дијагностика и третман, со соодветна обука на медицински персонал – матични лекари, како и обука за волонтери или даватели на услуги за користење на набљудувачките уреди и процедура на распределување.
На тој начин ќе биде подобрен квалитетот на социјалните здравствени услуги за постарите граѓани преку иновативни решенија и дигитализација и ќе се реши проблемот со недостаток на примарни здравствени услуги во далечните области за време на непогодни услови или при неможност за движење.
Со овој повик ги покануваме матичните лекари од Општина Делчево да изразат интерес кон приклучување на проектот.
Сите заинтересирани матични лекари на територијата на Општина Делчево за подетални информации и за пополнување на Формулар за учество во проектот можат да го контактираат лицето Наташа Димитровска во просториите на Општина Делчево.