Податоци за споменици и спомен-обележја подигнати во чест на Народноослободителната војна (1941-1945) на територијата на Општина Делчево.
- Спомен-дом АСНОМ-изграден во 80-тите години од минатиот век, архитектонско дело на проф-д-р Љубен Најденов. Градено во стилот на модерната современа архитектура со вклопени традиционални моменти. Од изградбата нема посериозна реконструкција, а останати се недоизградени одредени делови предвидени со проекти, како големата сала за сценска уметност. Објектот е сопственост на Општина Делчево, но и на 5 приватни субјекти кои имаат деловни простори. Во објектот, освен администрацијата на Општина Делчево, сместена е и ЈЛБ „Илинден“, НУЦК „Никола Јонков-Вапцаров“ и Локален музеј „Пијанец“.
- Споменик на паднатите борци во НОВ во Делчево-на кој се запишани имињата на стотината жртви од Пијанец од Втората светска војна. На споменикот е запишана следнава порака: „Сонцељубиви, зар без вас ќе бевме она што сме, не смрт без слобода, не без Македонија“. Споменикот е во релативно добра состојба, поставен е пред 40 години.
- Спомен-обележје посветено на Февруарскиот поход во 1944 г на планината Голак- Планината Голак заедно со Беласица, Плачковица и Осогово била дел од маршрутата на Третата борбена единица која заедно со Главниот штаб требало да стигне за десетина дена во Источна Македонија со што започнале борбените операции од пошироки размери на македонската партизанска војска познати како Февруарски поход. Во 2019 година, Општина Делчево инвестираше во санација и поставување нов мермерен постамент на спомен-обележјето, бидејќи беше во лоша состојба. Плочата е освежена, исчистена и поставена на мермерен постамент со што, ова спомен-обележје доби соодветен и достоен изглед, каде секоја година во втората половина од месецот февруари се одржува пригодна културно-уметничка програма збогатена со планинарски марш „По врвиците на Февруарскиот поход“.
- Спомен-плоча во центарот на Делчево-поставена на ѕидот на објект во центарот на градот. Спомен-плочата е посветена на првиот митинг во слободно Делчево кој се одржал на 8.09.1944 г.
- Спомен-плоча во с. Разловци-поставена на влезот на селото, а посветена на пушкомитралезецот Јордан В.Стојанов од Третата македонска бригада кој загинал на 24 мај 1944 при влегување на Бригадата во селото. Спомен-плочата е подигната од Општинскиот одбор на СЗБ од НОБ Делчево.
- Биста на Методи Митевски-Брицо– поставена во дворот на старата Кожарница која го носеше името на еден од најпознатите организатори и учесници на НОБ кој е роден во Делчево, Методи Митевски-Брицо (1924-1962).
- Биста на Методи Митевски–Брицо – во дворот на СОУ „Методи Митевски-Брицо“.
- Спомен–плоча во село Нов Истевник во маалото Балабанци-посветена на паднатите борци при повлекувањето на окупаторот од Пијанец.
- Биста на поетот Никола Јонков Вапцаров– пред Центарот за култура кој го носи неговото име.
- Биста на Гоце Делчев поставена во центарот на Делчево на крстосницата кај семафорите.
- Биста на Свети Климент Охридски-пред ООУ „Св. Климент Охридски“-
Спомен-обележја кои го чуваат споменот на предилинденскиот и илинденскиот период
- Споменик на Гоце Делчев, авторско дело на скулпторот Томе Андреевски, поставен во 1972 г. по повод 80-годишнината од раѓањето на великанот Делчев, патрон на Делчево.
- Спомен-плоча на поп Стојан, водач на Разловечкото востание 1876, поставен на влезот на црквата „Св.цар Константин и царица Елена“, во 2012 г.
- Спомен-плоча на Царевоселската чета во дворот на црквата „Св.Богородица“ во Делчево, поставена во 2012 г.
- Спомен-дом „Разловечко востание“ во с. Разловци- дело на архитектот проф. д-р Георги Константиновски, изграден во 1981 г.